„Искра“ – концерт на Филхармонијата со црногорскиот виолинист Роман Симовиќ

2

Во Филхармонијата вечер ќе се одржи концертот „Искра“, на кој како солист ќе настапи црногорскиот виолинист Роман Симовиќ.

Симовиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр.1 од рускиот симфоничар Димитриј Шостакович, дело кое се смета за едно од неговите најдобри, што му го посветил на Давид Ојстрах.

Како што најавија од Филхармонија, на програмата се и Адаџото од гудачки квинтет од австрискиот композитор Антон Брукнер и Симфонијата бр. 5, оп. 55 од Александар Глазунов наречена „Херојска“, опишана како „архитектонска поема“.

Виолинистот Роман Симовиќ во моментов е концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар и истовремено е ангажиран како концерт-мајстор со Марински театар и со Минхенската филхармонија.