ИЈЗ : За една недела, од ковид починаа 97 луѓе, а за 4,5% зголемен бројот на новоинфицирани

2

Омикрон сојот забрзано се шири во нашата земја. Според најновиот извештај на ИЈЗ, за 4,5% е зголемен бројот на нови позитивни случаи во државата во периодот од 17-ти до 23 јануари, односно регистрирани за 11.610 новоинфицирани. Во просек процентот на позитивност се уште е висок од 29%. Во однос на минатата недела направени се и помалку тестирања.

Скопје и натаму е прв со најмногу болни, повеќе од половината се во главниот град, а најгпчема неделна инциденца има во Крушево.

Најмногу болни се регистрирани на возраст од 30 до 49 години. Кај младите од 10 до 19 години забележано е намалување на позитвните случаи за 15%, како и кај младата поплација од 20 до 29 години. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, со зголемување од 25% во однос на претходната недела.

Речиси сто луѓе ја загубиле битката со болеста минатата недела, односно 97, што е за 77% зголемување.

Постојат многу причини, а малку одговори за високата смртност од Ковид-19 во Северна Македонија, анализира Дојче Веле на македонски јазик. Епидемиолозите сметаат дека задоцнетото одење на лекар и хроничните болести на пациентите се најчести причини за високата смртност. Како важен фактор се наведуваат и немањето протоколи за лекување, состојбата на пациентите, начинот на кој се организира здравствениот систем, а голема улога имаат и превентивните мерки.

Граѓаните, пак, коментираат дека немањето доволно здравствен кадар, лошите здравствени навики, неквалитетниот начин на живот што доведува до слаб имунитет, нефункционалното здравство, непочитувањето на мерките и препораките, како и големиот број на невакцинирани лица.

Во однос на вакцинацијата, според ИЈЗ, заклучно со 22.01.2022, комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.