ИЈЗ: Омикрон варијантата е откриена во седум градови, бројот на заболени зголемен за скоро 34% во однос на минатата недела

6

Во период 10-16.01.2022 Тестирани се вкупно 45.401 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 14,7% во однос на минатата недела, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Регистрирани сe 11.123 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 33,9% во однос на минатата недела (n=8.308). Процентот на позитивност се движи од 21,4% до 30,2%, просечно 24,4%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=5.630; 50,6%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево – 1.152,4/100.000. Висока инциденца се регистрира и во Битола (n=1.025; I=1.035,5/100.000).

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39г (n=2.643, 23,8%) и 20-29г (n=2.153, 19,4%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=205; 1,8%).

Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група над 60 години со зголемување од 99,6% и возрасната група 50-59г со зголемување од 90,3% во однос на претходната недела.

Се регистрира минимално намалување на бројот на заболени кај возрасните групи од 20-29г (-4,3%) и 10-19г (-2,5%) во однос на минатата недела. Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 6.029 (54,2%) лица од женски и 5.094 (45,8%) од машки пол.

Со статус „оздравени“ се стекнале 5.403 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.247 реинфекции, со зголемување од 31,8% во однос на претходната недела.

Пријавени се 55 смртни случаи во 15 градови во текот на изминатата недела, за 34,1% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (22). Во однос на возраста, најголем број (n=48; 87,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (4), 40-49 години (2) и 30-39 години (1).

Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, во периодот од 10- 15.01.2022, изведен е посебен ПЦР тестот на вкупно 96 позитивни примероци на SARS-CoV-2, а кај 57 од нив (59,4%) е детектирана Омикрон варијантата (B1.1.529).

Омикрон варијантата е откриена во 7 градови и тоа во: Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Кочани, Велес и Гевгелија, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје..