И Боки побара изземање на Русковска и се нарече жртва на трул политички систем

19

Откако Фросина Ременски утрово од Јавното обвинителство побара изземање на обвинителката Вилма Русковска од предметот „Меѓународен сојуз“, и нејзиниот адвокат во судницата го соопшти барањето, а кон него се приклучи и Бојан Јовановски-Боки 13.

И тој, како Ременски, ја обвини Русковска за селективно и тенденциозно постапување. Рече дека извршила кривично дело тортура поради начинот на кој се однесувала кон него, а спомена и дека треба да биде изземена бидејќи постапувала во „Рекет“ каде што, како што додаде, била селективна со Зоран Милески-Кичеец кој е на слобода заради политички цели.

Судијката Софче Гаврилова-Ефремова веднаш го одложи денешното прво рочиште поради барањето за изземање и го закажа следното за 21 јули.

Таа неколкупати влегуваше во дискусија со Јовановски и го опоменуваше да зборува за тоа што е тема на дискусијата и да не се злоупотребуваат правата од странките. Тој, пак, се нарече жртва на еден трул политички систем.

За Русковска, пак, барањето за нејзино изземање не е основано.

„Никогаш не сум се однесувала пристрасно, во ниту еден предмет, а сум сработила можеби повеќе од 1 000„, изјави обвинителката.

На 21 јули, таа, доколку не биде изземена од страна на републичкиот обвинител Љубомир Јовески, треба да ги даде воведните зборови, а во текот на судската постапка рече дека очекува да ја докаже вината на обвинетите.

Покрај Јовановски, кој се товари за измама и перење пари, и Ременски, за помагање во измамата, на обвинителна клупа седат и заменик-претседателката на невладината организација „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, и асистентката на Боки, Христина Блажевска. Двете се обвинети за помагање во делата перење пари и измама. Обвинет е и таткото на Боки, Миле Јовановски, за помагање во перење пари и за недозволено држење и тргување со оружје бидејќи во домот му беше пронајдено оружје за кое немал дозвола.

Како оштетени во постапката се јавуваат двајца бизнисмени, кои според обвинителството, биле измамени за наводни проекти на „Меѓународниот сојуз“ за изградба на Европски центар за возрасни лица и заедно му уплатиле на Боки сума од околу еден милион евра.