И Србија ќе ја прифати новата методологија за преговори со ЕУ, му рекол Вучиќ на Макрон

16

И Србија ќе се префрли на новата методологија за преговори со ЕУ. Ова му го кажал српскиот претседател Александар Вучиќ на претседателот на Франција, Емануел Макрон со кого вчера имале состанок во Париз, пренесува Н1 ТВ.

Вучиќ изразил уверување дека со новата методологија Србија може да отвори многу поглавја, но дека ниту него ниту Макрон тоа не ги интересира туку суштината на преговорите.

Новата методологија која беше подготвена од европските институции се однесува на Северна Македонија и Албанија, додека земјите кои веќе преговараат, како Србија и Црна Гора, можат да изберат дали ќе ги продолжат преговорите по старата или по новата преговарачка рамка.

Покрај за ова, Вучиќ со Макрон разговарал на уште две теми. Едната е билатералните односи на двете земји, а другата е прашањето за Косово за кое денеска ќе се одржи видео самит под покровителство на Франција, Германија и ЕУ со цел повторно да се почне со дијалогот помеѓу двете страни.

На самитот се очекува да присуствуваат споменатите Вучиќ и Макрон, понатаму германската канцеларка Ангела Меркел, косовскиот премиер Авдулах Хоти, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жосеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.

Вучиќ синоќа изјавил дека се сомнева оти после тоа ќе може да излезат со заедничко соопштение, туку дека најверојатно Белград и Приштина ќе излезат со посебни ставови, а Франција и Германија со заедничко.