И јас се прашувам зошто не може да се утврди кој е одговорен што нема пасоши, рече Спасовски

6

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој до 3 јануари беше министер за внатрешни работи, не знае кој е одговорен што нема пасоши. Одговарајќи на новинарско прашање зошто уште не е утврдена одговорност кај ниту едно лице во Министерството за внатрешни работи, за пасошката криза, Спасовски рече дека во моментов за функционирањето на министерството е надлежен техничкиот премиер Наќе Чулев.

„Навистина се прашувам зошто не може да се даде одговор на сите овие прашања. Мислам дека подоброто менаџирање, повеќе бавење со суштински работи, немаше да доведе до една ваква криза. За функционирање внатре во министерството е надлежен министерот и има механизми да се утврди кој е одговорен ако има одговорност. Сум имал и јас такви ситуација неколку пати во целиот тој период, но, немаше проблем во однос на пасошите или другите лични документи“, рече Спасовски на прес-конференцијата за распишување на оглас за изградба на хидроцентралата Чебрен.

Спасовски не даде конкретен одговор на прашањето зошто и пред 3 јануари додека тој беше министер за внатрешни работи не било испланирана поголема количина на обрасци, со оглед на тоа дека пред 10 години почна издавањето на биометриските пасоши и требало да се предвиди дека во овој период ќе има зголемен број барања.

„Нарачките се прават секоја година врз основа на потребите. Не знам кога била последната нарачка, но има документи во МВР и тие можат да потврдат сè. Слободно нека ги проверат сите аспекти. Јас сум тука не бегам од одговорност ако е моја“, рече Спасовски.

Како што кажа вчера техничкиот министер Наќе Чулев до следната нарачка се останати 3.700 обрасци за пасоши, а има поднесено околу 16.500 барања по редовна постапка и 650 по итна постапка. За пратката од 100.000 обрасци која според договорот треба да стигне на 24 март, се прават обиде да стигне десетина дена порано.