И Љубљана со апел кај сите да преовлада разумот за продолжување на евроинтеграцијата на земјава

5

Словенечкиот премиер Роберт Голоб вчера се придружи на апелот што претходно го упатија повеќемина претставници на ЕУ и лидери на земји членки на Унијата, државава да ги спроведе уставните измени и да не си ги блокира сама своите европски перспективи. По средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Љубљана, Голоб истакна дека процесот на евроинтеграција на Северна Македонија не смее да запре и оти верува дека ќе преовлада разумот кај сите политички субјекти во државата и тие ќе го разберат историското значење на овој момент.

Голоб оцени дека промената на Уставот е тежок процес, кој мора да се случи, бидејќи станува за историска можност која нема врска со партиска припадност.

– Верувам дека тоа е тешка задача, но се надевам дека ќе преовлада разумот во Северна Македонија кај сите политички субјекти и дека тие ќе го разберат историското знаење на овој момент и дека овој процес мора да биде завршен што побрзо како што е предвидено. Се работи за историска можност која нема врска со партиска припадност, туку има врска со иднината на целиот македонски народ. И затоа сметам дека партиите тоа мора да го имаат предвид. Словенија на кој било начин ако може да помогне, дали со дијалог или со презентација, тоа ќе го направи, рече Голоб.

Според него, Словенија стои цврсто на ставот дека сегашниот процес на преговори не смее да запре со внесување дополнителни билатерални прашања во агендата.

– Ќе инсистираме да одиме понатаму со оние процеси кои веќе беа договорени со промената на Уставот и дека не смее да се внесуваат од друга страна никакви дополнителни барања во процесот на продолжување на преговори. Овој аспект е многу значаен бидејќи, за жал, се покажа дека соседите, и ние имавме такво искуство, се обидуваат да добијат нешто повеќе од државата и тука ќе стоиме на овој став, рече словенечкиот премиер.

Тој изрази надеж дека до крајот на ноември ќе се исполнат сите услови и дека во декември ќе биде констатирано дека Северна Македонија ги исполнила сите услови од договорот.

Северна Македонија, како што рече, е еден од позначајните фактори на стабилност во Западен Балкан и единствениот начин на стабилизација на регионот е неговото приклучување кон Европската Унија.

Голоб посочи дека Бугарија е држава која е свесна како е кога некој ќе те исклучи од постапката кога имаш право за понатамошна европска интеграција, како што е случај со нејзиното блокирање за прием во Шенген зоната.

– Верувам дека ќе има разбирање и за прашањето на Северна Македонија. Мислам дека се работи за јасна порака дека нема друг пат за Бугарија и за Северна Македонија, потенцира словенечкиот премиер.

Премиерот Димитар Ковачевски, од своја страна, се заблагодари за континуираната, силна и отворена поддршка од Словенија за демократскиот и евроатлантски развој на Северна Македонија, но и за сегашниот моментум и шансите да се направи нов конкретен исчекор во преговарачкиот процес, со конечна цел – полноправно членство во Унијата.

– И затоа од овде, од Словенија, сакам да порачам дека Република Северна Македонија и македонските граѓани ја препознаваат својата улога во регионален и европски контекст. Силно верувам дека ќе останеме посветени и успешно ќе чекориме на европскиот пат, иако некои внатрешни и надворешни сили, можеби не го посакуваат тоа, порача премиерот Ковачевски.

Поддршка за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ изрази и словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни и европски прашања Тања Фајон на средбата со премиерот Ковачевски, нагласувајќи дека Словенија ја охрабрува земјава да продолжи во насока на ново придвижување во евроинтеграцискиот процес и фокусирајќи се на правење конкретни чекори во преговарачкиот процес и одржување на актуелниот реформски моментум.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, порача дека продолжувањето на патот до ЕУ сега не зависи ниту од Софија, ниту од Атина, ниту од Париз, ниту од Берлин, ниту од никого, туку од одлуката дали сакаме да продолжиме со реформите и пристапните преговори.

– Сметам дека вистинското прашање е дали сакаме да го фатиме најбрзиот воз за членство во Европската Унија, а не е дали можеме да смогнеме сили да ги направиме неопходните уставни измени, што ги има во нашата преговарачка рамка, смета Маричиќ.

Тој во интервју за платформата #Деполаризирајсе посочи дека имаме време до ноември, до крајот на скринингот, да ги завршиме обврските и доколку тоа го направиме, со одговорност, зрелост и свесност на сите политички актери, можеме да очекуваме во декември оваа година или во јануари идната година, да ги започнеме преговорите за Кластерот 1 и поглавјата во него.

Според него, уставните измени се можни и остварливи, само прашање е дали ќе успеат оваа година. Иако, како што рече, времето покажало дека што повеќе ги одлагаме обврските тие стануваат потешки и проблемите стануваат поголеми.

– Мислам дека нам ни одговара што поскоро ова да го завршиме затоа што тоа ќе ни ја отвори вратата, дури и без да ја прашаме Бугарија. Така пишува во заклучоците. Автоматски се свикува втората меѓувладина конференција и веќе влегуваме во сосема друго ниво на односи со Европската Унија, потенцира Маричиќ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир при вчерашната работна посета на Општина Дебрца порача дека прашањето околу вметнување на Бугарите во Уставот е суверена одлука што треба да ја донесе самата држава.

– По однос на прашањето имам две забелешки, а кои не се дел од јавната дебата по прашањето. Всушност, првата е дека живееме во исклучително важни времиња, со нов моментум во контекст на процесот на проширувањето на ЕУ, низ случувањата во Западниот Балкан. Тоа се заснова врз цврстата констатацијата дека се работи за заеднички интерес на ЕУ и на Западниот Балкан, како на економски така и на безбедносен план, рече Гир, кој престојуваше во.

Кога станува збор за земјава, Гир рече дека патот за членство на државата кон ЕУ е отворен, преговорите се во тек и Брисел сака да ја види земјата како полноправна члена на Унијата, со интерес за продолжување на тој процес.

– Што е однесува конкретно на измените на Уставот за вклучување на лицата кои се самоидентификуваат како Бугари, всушност тие промени нема да бидат драматични, оттаму што ќе бидат само консолидација на и онака добрата оценка што ја ужива земјата кога станува збор за уредувањето на меѓуетничките односи. Инклузијата на одредени заедници во Уставот не ги загрозуваат националните интереси на државата, нагласи Гир.