КАДЕ ОДИ АЛБАНСКАТА ПОЛИТИКА ВО МАКЕДОНИЈА

135

Албанската политичка фела мора да разбере дека каузата никогаш не бега! Роден Албанец е – вечно Албанец.  Албанската култура, традиција, историја, менталитет, нема и не може никој да го одземе. Арно ама, на политичко поле треба да се биде умен, современ, конструктивен и прогресивен. Албанската политичка сцена мора под итно да мине низ сериозен – ремонт! На албанците во Македонија не им се потребни повеќе од две партии. И тоа позиција-опозиција

Од Агим ЈОНУЗ

Македонската политичка сцена е како една селска продавница за слатки во која има шаренило, а во суштина сите слатки имаат ист вкус. Од прв до последен продаваат социјалдемократија, со тоа што понекои ‘‘ултра патриотски‘‘ својата десничарска легитимност ја маскираат  само низ реториката, а суштината им е иста на сите. Се е тоа ‘‘ во име на народот‘‘, а за сопствена зона на политички интереси кои секако низ други механизми носат други бенефити. Се е филм за ефтини пари. Веќе три децении Македонија не мрднала никаде. А, и да мрднала, поточно би било да кажеме дека ‘‘геополитиката ја има помрднато‘‘ а не таа самата себе си. Таа ниту била, ниту е способна да се мрдне себе си. Тоа што влеговме во НАТО, тоа се други математики. Колку да се потсетиме на вистината, кога влегувавме во НАТО, пола војска немаше чизми, јадеше расипани конзерви и имаше скинати гаки! Ако лажам, нека ме демантира некој. Резимето е дека ‘‘ не сме влегле ние у НАТО, него не бутнале‘‘! Нејсе, не е тоа тема сега во колумнава туку нешто сосема друго. Темата и прашањето во оваа колумна е каде одат политичките партии во Македонија, и кога дефинитивно ке има некакви промени на политичката сцена од аспект на сериозна политичка борба за државата а не на етносот, парите, бенефитите и моќта која носи лични бенефити. Граѓански концепт со сите свои елементи. Осврт на темава се албанските партии. Македонските се приказна за себе. За нив треба докторска дисертација на тема ‘‘ како во сопствената земја да не знаеш која чорапа на која нога оди‘‘, со посебен акцент на прашањето ‘‘како да си ја уништуваш земјата и да уживаш во тоа‘‘. ОК, да започнеме.

Прво што треба во албанскиот политички кампус да биде расчистено е анатемата на самокритика. Самокритиката е забранета. Во делот на функционирањето. Тоа веќе не е демократија. Остај на страна тоа што политичките партии се критикуваат меѓу себе, тоа не е тоа. Забранета е самокритиката кон генералната политика на албанците во Македонија. Секој пристап се третира како ‘‘предавништво на каузата‘‘. Одличен одбранбен механизам за еден дел на полуписмени будали кои залутале во политиката само затоа што ‘‘по професија се Албанци‘‘. Ок! Токму тука ми е и поентата. Каузата, современите текови и иднината на политиката на албанците ‘‘од‘‘  и  ‘‘во‘‘  Македонија. Прво да направиме дистинкција помеѓу ‘‘ Етничка Албанија‘‘ и проектот ‘‘ Голема Албанија‘‘. Се додека постои светот, ке постои и ‘‘Етничка Албанија‘‘, затоа што регионално, поделено во пет држави вклучувајки го Косово, живее албански народ кој никогаш и никој не може ниту да го скрши, ниту да го смени како демографска слика. Ниту како братство по крв и генеза. Таа е еднаш засекогаш. Уште помалку како културолошки, цивилизациски и амбиентален елемент кој го врзува тој ист народ и кој е забетониран.  Тој феномен на ‘‘етничка Македонија‘‘ го имаат и македонците, ги има во Пиринска Македонија ( Бугарија), а и во Грција, поточно Егејска Македонија, ако се водиме по филозофијата дека до каде има и деден човек по иста крв, до таму е и ‘‘ ливадата‘‘. Арно ама, тоа е етнолошки пристап на прашањето. Се останато е политика која како категорија е минлива, а низ времето произведува различни амбиенти. Проектот ‘‘Голема Албанија‘‘ за сега како што стојат нештата е ставен во фиока. Ниту е заборавен, ниту е нешто што во иднина ке биде отфрлено како идеја, тенденција и сон на еден народ. А, ставен е во фиока од геополитички причини, затоа што на големите сили, балканот им е потребен во рамки онакви какви што се моментално. На ‘‘големите‘‘ овој и оваков Балкан со оваква карта му е потребен барем уште еден период. Година, пеесет,.. сто !!! Нејсе, да се фокусираме на Македонија и албанците со практикувањето на политиката базирана на класиен етноцентризам. Каде сме и каде одиме?

Современата политика во Македонија која е мултиетника држава подразбира ангажман на политичко поле кое ке работи на изградба, афирмација и унапредување на државата со тековите кои ги бара современото време и предизвици. Албанците во Македонија се соочени со геополитичкиот предизвик и судбина да живеат во држава која ја споделуваат со Македонците и останатите етнички заедници.  Од осамостојувањето на Македонија албанскиот народ беше сочоен со ситуација во која мораша да се бори за своите права како рамноправен демографски елемент во една суверена држава. Сите сме сведоци на патот кој го водеше албанскиот кампус кој резултираше на крај со воениот конфликт 2001-ва и потпишувањето на рамковниот договор, кој и денеска е актуелен како правило по кое албанскиот народ во Македонија ги ужива сите свои права на рамноправен фактор со македонците. Историската иронија вели дека албанците во Македонија не се дојденци кои ‘‘добиле‘‘ некакви свои права, туку само си го земале она што им следува, затоа што пред се, на овие простори албанскиот народ е  автохтон. Во рамките на регионот на кој живее , е ‘‘ свој на своето‘‘. Значи, кога би резимирале некаква историска вистина, би дошле до заклучокот дека Македонија е како држава судбина и на едните и на другите, поточно и на албанците и на македонците. Сигурен сум дека македонската страна ке ми се наљути ако речам дека геополитиката сакала така да биде, да се заокружи Маакедонија како суверена држава во која ке живее мешан народ кој веќе три децении се дели на ‘‘ наши и ваши‘‘. Кој е наш, а кој е ваш во Македонија е прашање на етноцентристички диоптер во политиката. Државата веќе три децении плаќа скап данок на својот развој како последица на етноцентристички пристап на водењето политика. За тоа се виновни сите страни и безобразно би било да се обвинува само една. Но, секако потребите на актуелното време бараат заедничко организирање и ангажман за градење на современ модел на демократско општество во кое секој еден жител ке биде социјално, економски, културолошки и егзистенционално задоволен. За таков модел на општество, дефинитивно политиката на ‘‘ наши – ваши‘‘, на турско ли е каурско ли е‘‘ мора полека да оди во историјата. Преминувањето од етноцентристички во граѓански модел на дејствување никого нема да направи помалку да биде ниту Албанец, ниту Македонец. Во заедничката куќа во која живееме нештата треба да функционираат без оглед на национал – романтистичкиот амбиент на двете страни, затоа што егзистенцијата, достоинствениот живот базиран на квалитетен општествен менаџмент зависи од организираноста на сите политички субјекти заедно.

Да ги оставиме македонските етноцентристички политики на страна, и да се фокусираме на албанската. За македонската ако пишувам, ќе ми требаат три колумни. До кога политиката на албанскиот кампус ке биде ‘‘ кауза‘‘ а не политика на градење здраво граѓанско општество?  Зборувам за ‘‘ граѓанско општество‘‘ без етноцентристичка арома. Се појавува еден голем парадокс. Од една страна, албанската страна во секојдневието и и во врвот на извршната власт доживува ренесанса, а ако бидеме искрени и покажува голема зрелост во спроведувањето на политиката во интерес на функционалноста на државата. Плејада албанци се ‘‘ на врвот‘‘! Но! Од друга страна не може да не признаеме дека кампусот е сеуште затворен  и функционира по принципот на ‘‘ секоја птица во своето јато‘‘. Македонците се многу по отворени за албанци во своите редови отколку албанците. Тоа е факт кој само злонамерници нема да го потврдат. Да биде парадоксот уште поголем, пак, албанците се по флексибилни  од македонците. А пак на крај , ‘‘ секој во своето јато‘‘. Граѓанскиот, ‘‘ мешан‘‘ политички субјект во државата по принципот на ‘‘ сеедно кој како се вика‘‘ е запоставен. Интересно е да се анализира секојдневието во Македонија. Сите се еден со друг, сите се еден ‘‘за‘‘ друг, а во суштина се еден против друг, секој секому латентен душман. Дали тоа можеби еден ден ќе биде гробарот на Република Северна Македонија. На сметка не не постоење на граѓански концепт на практикување политика, во Македонија не се изгради цврсто и здраво чувство на државност. Последиците ги чувствуваме сите ние подеднакво во вид на глад, сиромаштија, криминал, бегање на младите од државата и безнадежност. И едната и другата страна мора да седнат и да размислат каде води етноцентристичкиот модел на водење политика. Прашањето многумина ќе го изигнорираат како небулозно, некој дури и будала ќе ме направи, предавник, ‘‘од гомно подоле‘‘, ама, дали сите ние разбираме дека државата е куќата во која живееме!!!! Немаме друга. Стави леб на маса, дај ми чиста кошула, пречекај и испрати гости, загреј се покрај ќумбето, заспиј убаво на чист чаршав. Тоа е државата!!! А овака, со моделот на етноцентризам во сите сфери, да! Спиеме сите на чаршав, ама никој не приметува дека спиеме со едно око ‘‘ подотворено‘‘, за секој случај!

Албанската политичка фела мора да разбере дека каузата никогаш не бега! Роден Албанец е – вечно Албанец.  Албанската култура, традиција, историја, менталитет, нема и не може никој да го одземе. Арно ама, на политичко поле треба да се биде умен, современ, конструктивен и прогресивен. Албанската политичка сцена мора под итно да мине низ сериозен – ремонт! На албанците во Македонија не им се потребни повеќе од две партии. И тоа позиција-опозиција. Под итно многу ликови треба да се пензионираат политички. Да се пуштат нови, млади ликови кои носат ‘‘ десетки‘‘ од Осфорди-Моксфорди. Да се отворет кон македонците во смисла на членство. Не е проблем на албанците ако македонците не сакаат. Ама, вратата мора да биде отворена а целта јасна. Градење здрава држава. Тоа не значи дека Етничка Албанаија ( SHQIPERIA ETNIKE)  нема да постои.  Национал романтизмот ке постои се додека постои човекот. Но, ке постојат и приоритети. А, во актуелниот космички  момент и за албанците и за македонците приоритетот е здрава Македонија. Стабилна, способна, бериќетна и современа. Направете ресет, дајте само две партии и отворете се за политичко членство и на други етникуми. Бидете ‘‘фраери‘‘!

А ‘‘каузата‘‘!?!? …. каде ќе бега! Тука била, тука и ке остане.

ООО ЏЕМААТ! … Јас не прашувам меѓу вас кој како се вика! Сеедно. Битно е дека верувате во бога, барем така се декларирате. Знам, меѓу вас има и ајвани, и криминалци, и глумци дека веруваат во бог, ама битно е дека сите сте во иста џамија. Држете ја чиста. За вас! На сите заедно да ви е убаво во џамијава. Ајде, дајте едно ‘‘КУЉУВАЛЛАХ‘‘… и бегајте дома. Децата од вас чекаат леб да им однесете! Мислете на нив.

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)