Казнет и протеран од Косово брачен пар од Русија кој беше уапсен поради нелегален влез од Србија

2

Косовските власти објавија дека двајцата руски државјани, кои пред неколку дена беа приведени од полицијата поради сторено кривично дело „нелегално преминување на границата“, се казнети, а потоа им е наложено и напуштање на Косово.

Косовската полиција на 6 мај соопшти дека брачен пар од Русија бил запрен на граничниот премин Јариње, а таму пристигнале од градот Ниш во Србија, но, со оглед дека немале косовски визи, тие се упасени поради нелегален влез во земјата.

Сопружниците Хусам Азам (57), професор, и Елена Азам (55), гинеколог, се казнети со по 250 евра и се протерани од Косово, изјави за Радио Слободна Европа функционер од Основниот суд на Северна Митровица.

„Казната им е изречена врз основа на член 140 од Кривичниот законик на Косово. Станува збор за казна од 250 евра или затвор од шест дена. Ова е правна работа и судот ја изрече казната утврдена во законот“, изјави претставникот на судот во Северна Митровица.

Сите руски државјани, вклучително и оние со дипломатски пасоши, кои сакаат да влезат, транзитираат или престојуваат во Косово, мора да добијат виза.

Оваа одлука е донесена во 2022 година. Дотогаш, на руските државјани со дипломатски и службени пасоши им беше дозволен влез, транзит и престој до 15 дена на територијата на Република Косово без виза.

Русија не ја признава независноста на Косово. Сепак, двете земји имаат формални односи. Руската канцеларија за врски во Приштина е отворена од 2005 година, иако нејзината активност не е многу видлива во јавноста, пишува РСЕ.