КАКО ИЗГЛЕДА КАУРСКИ ШПИОН

2.442

Замисли ја државата како една зграда од неколку спрата во која по спратови живеат Македонци, па Албанци, па се останато. Арно ама, зградата има ист влез, исти скали, исти зидови, ист паркинг, а на сите внатре по ходници исто им замирисува кога некој готви кисела зелка, а понекогаш и убави колачи кои мирисаат убаво. Значи, делат исти амбиент. Кога снемува струја, снемува за сите, кога нема вода, сите се жедни, а кога некој прави свадба пред зграда, сите го псујат зашто зурлите и тапаните удираат во ушите. Не спие ниту турското, ниту каурското дете

Од Агим ЈОНУЗ

Пред некој ден во чајџилница еден мајмун кој сакаше да ми се покаже како ‘‘пријател‘‘ ми рече дека во едно друштво некој ме нарекол ‘‘ каурски шпион‘‘, затоа што во колумните премногу сум ја сакал и бранел Македонија. Сум се правел ‘‘поголем каур од каурите‘‘, демек, на македонците баш им е гајле за државата а јас сум скокал да ја спасувам. Типот што на рака носеше ‘‘Rolex” а му се гледаа жолти заби кои не треба експертиза дека не ги мие редовно беше многу сериозен. Се насмејав, а во себе си викав ‘‘ ајде Агим стани од масава‘‘ овој сака да провоцира, па оди си на време зошто имаш ‘‘ краток фитиљ‘‘, а Рамазан е! Нема смисла да го нокаутираш среде Рамазан. Не знаев дали да се смејам или да плачам. Што да му објаснуваш на некој што на себе има гардероба од најмалку иљаду евра, вози ‘‘ С класа‘‘ Мерцедес, ама на ќерка му не и купува лаптоп зашто било ‘‘ харам‘‘! За девојчиња премногу интернет било харам.Себе си се смета за современ прототип на Албанец, кој два пример на останатите.  И ти си ‘‘патриот‘‘!? Ти си жива штета за албанскиот народ. Ај што ти се смејат македонците, тебе ти се смејат и самите Албанци од Албанија! Оди по улиците на Тирана ако веќе се колнеш во Албанија како матична држава ( Македонија велиш не ти е), па таму ќе видиш дека самите они презираат и мразат типови како тебе! Не затоа што си муслиман! Туку затоа што твојот ‘‘халал и харам‘‘ во време на политики на дваесет и првиот век подразбира сепак ако носиш ‘‘ Rolex‘‘, барем редовно да си ги миеш и забите. Да не им отвараш уста на ‘‘ каурите‘‘ дека еве ние шиптарите не си ги миеме забите. Јас тука не сум ти крив за ништо. Јас имам бели заби природно, ама, да те потсетам дека сум роден на Јаја Паша како четврта генерација Скопјани. А, ти си сељак. Може затоа сум ‘‘ каурски шпион‘‘. Затоа што македонците ми велат ‘‘ добар ден‘‘ кога ќе ме видат. Арно ама, сепак сум ти благодарен зашто ми даде идеја за колумна да анализираме Што значи да се биде ‘‘ каурски шпион‘‘. Ајде да анализираме и да започнеме од почеток.

Дали е срамота да ја негуваш и развиваш својата држава? Во таа држава во која е измешано ‘‘и турско и каурско‘‘ никој не ти брани да бидеш не само Албанец, туку и Марсовец ако сакаш. Замисли ја државата како една зграда од неколку спрата во која по спратови живеат Македонци, па Албанци, па се останато. Арно ама, зградата има ист влез, исти скали, исти зидови, ист паркинг, а на сите внатре по ходници исто им замирисува кога некој готви кисела зелка, а понекогаш и убави колачи кои мирисаат убаво. Значи, делат исти амбиент. Кога снемува струја, снемува за сите, кога нема вода, сите се жедни, а кога некој прави свадба пред зграда, сите го псујат зашто зурлите и тапаните удираат во ушите. Не спие ниту турското, ниту каурското дете. Значи, сите делат иста судбина на секојдневието. Е сега, дали ти како станар во таа зграда ќе се трудиш да ти биде чисто и убаво, или ке викаш ‘‘ баш ме заболе за каурите‘‘, нека цркнат! Ако ти таа зграда не ја чуваш и не се грижиш за неа, ти си тешка стока која не заслужува да живее во таа зграда. Зградата е твој дом! Твое лице и твоја одговорност. Да! Исто така и на каурот, истото важи и за него. Ако си ме разбрал драго ми е, ако не си ме разбрал јас не сум крив. Само да те подсетам дека ако јас правам се за да ми биде зградата убаво место за живеење, тоа не значи дека ‘‘ умирам по каурите‘‘, туку го правам тоа поради себе. Сакам – мене да ми е убаво! Ане заборавај, каурот сепак ми е комшија ‘‘ врата до врата‘‘ на кој прво ке му зазвонам у полноќ ако сум во невоља. И тој мене. И затоа, на крај, седни си ти убаво у тој твој Мерцедес, стави го у четврта брзина за да те однесе што побргу у пичку лепу материну! Ај, гит!

Албанскиот народ како автохтон во Македонија има своја етно кауза која е респектирана, а која низ институциите на општеството си има свое место. Никој не ја оспорува. Кога велам етно кауза, мислам на сето она што со рамковниот договор се реализира и се стави на свое место. За тоа се пролеа и крв. Крвта ја имаше на двете страни. Животот тече понатаму, а ако зборуваме за етно кауза од национал-романтистички и културолошки карактер, таа ќе трае вечно исто како и кај секој народ на планетава кој е горд на себе си. И етничките македонци имаат право на своја кауза. Зошто тоа право би требало да биде ексклузивно само за албанците? И тие имаат право на истото.  Арно ама, господ така ги наредил коцките да живееме заедно под ист покрив. Ако е веќе така, обврската да соработуваме и да градиме убав живот е заедничка. А кога зборуваме за обврска, тоа значи дека треба пред се да имаме муабет и да соработуваме. А, како да соработуваме кога сме во ситуација да не знаеме од кого да се плашиме! Дали едни од други, дали сами од себе си внатре етнички!? Македонците сами од себе си внатре да се плашат дали да соработуваат со албанците, а ние пак од друга страна да се плашиме да бидеме конструктивни за да не бидеме наречени ‘‘ каурски шпиуни‘‘! Модерните демократски држави подразбираат натпревар на знаењето, на способноста и на конструктивноста во смисла на градење здраво општество. А за да имаш здраво општество, треба здраво да размислуваш. Јас прашувам, како да имаш здраво општество во земја во која омразата, национал-романтизмот, шовенизмот и примитивизмот се распространети повеќе од облаците на небото. Нај лошо од се е тоа што тој модел и амбиент создаде една голема плејада на луѓе кои профитираа од тоа и кои по секоја цена сакаат да го задржат тој амбиент од комерцијални причини. И кај ‘‘турци и каури‘‘! ООоп! И тука доаѓаме до клучното прашање. Ако веќе во таа заедничка зграда во која живееме, поедини станари сакаат во неа да шетаат стаорци, што да им правиме на оние кои сакаат зградата да им биде топла, чиста, да не се плашат навечер кога ке се угаси светло по ходниците? Да! Заборавив, нив ќе ги нарекуваме ‘‘ шпиони‘‘! Само затоа што за разлика од тебе многу добро и одамна расчистиле со твојата филозофија за ‘‘харамот и халалот‘‘.  Ходниците на зградата низ која шетаме не се ни турски ни каурски. Ако јас треба да бидам наречен за шпион затоа што сакам да има светло во ходникот, тогаш не знам зошто воопшто ти објаснувам.

Во Македонија антагонизмите по етничка и верска основа парализираат многу современи, цивилизирани умови и поединци да инсталираат еден поинаков модел на секојдневие и живот. Квалитетниот соживот е клучен предуслов за функционална држава. Никој никого не тера ‘‘ептен да се сака‘‘  на сила, ама почитување и соработка мора да има. Ултранационализмот некому носи пари, бенефит, меѓутоа, тој никогаш на крајот не бил победник, ниту пак некому донел среќа. Ние во Македонија имаме сериозен проблем со тоа што сеуште немаме изградено ниту произведено една критична маса на граѓанско определени луѓе кои се над национализмот и глупостите кои не кочат да создадеме квалитетна функционалност. Едно е да тераш и да негуваш своја кауза, а сосема друго е да бидеш деструктивен националист. Никој не ти брани да бидеш ‘‘ најголем Албанец на светот‘‘! Ти можеш да тераш кауза колку сакаш, ама таа не смее и не треба да биде на штета на некој друг. Почитувај се себе си, но не го понижувај оној другиот. На крајот на краиштата, ако сакаш некој да го почитува твоето, ти мораш да го почитуваш неговото. Тоа е реципроцитет. А сега на крај ке поставам прашање до сите оние кои сметаат дека ‘‘Агим е каурски шпион‘‘!

Ако живееме во Швајцарија а ние сонуваме Македонија да биде Швајцарија, дали Агим ако соработува во секојдневјето со швајцарците за добро на Швајцарија е ‘‘ швајцарски шпион‘‘? Логиката е таа! Најголем дел од оние кои живеат и работат во Швајцаријаа им го бацуваат газот на швајцарците за да живеат убаво и достоинствено како луѓе, а тука во Македонија ако си конструктивен во градењето на државата заедно со македонците си ‘‘ каурски шпион‘‘?  Е, нема ‘‘Швајцарија на балканот‘‘ без соживот, конструктивност, соработка, почитување на туѓи вредности и подадена рака. Со филозофијата на ‘‘или размислуваш како мене или си против мене‘‘, ултранационалистите и примитивците си пукаат самите себе си во нога. На двете страни! Европа  носи поинакви критериуми. Сакале ние или не, за да бидеме Европа, еден ден ке мораме да разбереме дека ‘‘и мачката и глушецот‘‘ има да спијат заедно ако треба, ама државата има да биде здрава, социјална  и стабилна. Нема поинаква формула. А, тоа што ние живееме во главата на некои чобани сеуште со нивниот ‘‘политички  халал и харам‘‘ ( од двете страни), тоа е судбина на мали и искомплексирани народи. Страшно е тоа што дозволивме тие да го поставуваат системот на вредности. Да одлучуваат. Да водат политика. Да ја одржуваат зградата во која сите заедно живееме, не дозволувајки една група станари да си се дружат, да се почитуваат, да се сакаат и да си одат на гости еден кај друг. За Велиген, за Бајрам, на свадба, на погреб. Ма, тоа се се ‘‘шпиуни‘‘!

ОООО ЏЕМААТ!  Колку души направија милиони? Од плата сигурно не се купува тој скап Мерцедес. Ретки се тие што со зној и халал купуваат. Без соработка ‘‘шпион со шпион‘‘ нема милиони. А најмногу баш тие зборуваат за ‘‘шпионлук‘‘!!! Да ти јебе шпион тетката. Estakfirullaah. Сиктер дома и кажи му на комшијата ‘‘добар ден‘‘ ако сакаш и тој тебе да ти рече!!! Ке видиш дека функционира.

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)