Камерон во Тирана: Проблемите на Западен Балкан се и на Европа

2

Шефот на британската дипломатија, Дејвид Камерон, на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, истакна дека проблемите на Западен Балкан се и на Европа, додавајќи дека „ако успее балканскиот регион, тогаш ќе успее и Европа“

-Имам фер и едноставен став дека кога ќе успее Западен Балкан, тогаш успева и Европа. Ако има проблеми на Западен Балкан, тогаш има и во Европа, наш заеднички интерес е да помогнеме во процесот на помирување, економски раст и разбирање. За мене ова е приоритет и беше уште кога бев премиер, рече тој, пренесува АБЦ њуз.

Тој му се заблагодарил на Рама што го нарекол посебен пријател на Албанија и на Западен Балкан, што за него е голем комплимент.

-Без да навлегувам во плановите за соработка, би сакал да нагласам дека разговаравме за вклучување во стратешки проект за Албанија и Косово, а тоа е пругата Драч-Приштина, која е клучен елемент за зголемување на капацитетот на движење не само меѓу нашите две земји, туку и во регионот и пошироко. Наскоро ќе го отвориме конкурсот за новото комерцијално пристаниште Драч, го чекаме одговорот од НАТО, Косово ќе изгради и суво пристаниште во Приштина, тоа е проект кој го надминува интересот на нашите две земји. Британија изрази интерес да биде вклучена со финансирање и експертиза. Камерон е многу важен наш застапник во трансформативните процеси, изјавил Рама.

Двајцата потврдиле дека тема на разговор била и илегалната миграција со оценка дека соработката дала задоволителни резултати, но дека операциите ќе продолжат.

-Разговаравме за заедничкиот проект или програма за борба против илегалната трговија со луѓе, презадоволни сме, но нашата заедничка операција ќе продолжи. Подготвеноста за обесхрабрување на протокот на овој сообраќај ќе биде максимална во иднина. Разговаравме и за напредокот на процесите на помирување и соработка во регионот. Камерон е цврст поддржувач на овие процеси, рекол Рама.

Според него, Обединетото Кралство изразило интерес за нормализирање на односите на Косово и Србија „каде што имаше позитивни чекори, но има стагнација и во иднина постои ризик од враќање назад“.

Камерон кој пристигна на пладне, на тиранскиот аеродром беше дочекан од министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, која преку објава на Фејсбук изрази големо задоволство што може да му посака добредојде.

-Зачувувањето на евроатлантското единство е од суштинско значење, во светлината на актуелните закани за европската безбедност, вклучително и максимизирање на поддршката за Украина и справување со предизвиците за стабилноста на Западен Балкан, напиша Хасани.

Камерон попладнево ќе биде примен од шефот на државата Бајрам Бегај а посетата ја заврши со средбата со Хасани.