Камчев: Проектите ми ги нудеа синот на Јанева и Кичеец, Ременски не ја познавам

13

Јордан Камчев кој денеска сведочеше за случајот „Меѓународен сојуз“ побара да биде изземен како сведок бидејќи како што рече, надвор од сите законски одредби, со грубо кршење на законот и вршење директна тортура врз него му бил изречен притвор со што се создадени вештачки притисоци и со тоа тој не може да биде кредибилен како сведок пред Обвинителството.

Откако Обвинителството и судот не го прифатија барањето, во сведочењето тој и на одговорите на Обвинителството и на одбраната им рече дека „Меѓународен сојуз“ и „Рекет“’ се едно исто, односно се работи за ист случај кој започнал пред предметот „Империја“ и чија жртва директно и сè уште е тој.

Тој вели дека прв пат во есента 2018 му биле понудени двата конкретни проекти од страна на Лазар Јанев, синот на Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец, a кои тој ги одбил поради нивна економска неоправданост и посочи дека воопшто немал контакт со Меѓународен сојуз.

За Меѓународен сојуз имал само некои информации кои ги добил единствено од телефонски разговори со Оливера Трајковска. Рече дека доколку Обвинителството сака потврда дека тоа е се што Јордан Камчев има како сознание за Меѓународен сојуз може да ја искористи примената на пи –мерки од неговиот телефон кој е следен за да се утврди дека тоа е се што тој знае за Меѓународен сојуз.

Јордан Камчев кажа дека и дека никогаш немал контакт, ниту ги познава Фросина Ременски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ кои се обвинети во Меѓународен сојуз.