Канатларовски тргна со убедлив пораз: Надежите не шутнаа во рамките на голот

7

Младата македонска фудбалска репрезентација до 21 година со убедлив пораз со 0-3 го отвори новиот евроквалификациски циклус за пласман на Еуро 2023, откако вечерва во Ле Ман загуби од апсолутниот фаворит Франција на дебито на Драги Канатларовски – Цапар на кормилото на оваа селекција.

Без ниту еден директен шут во рамките од голот и севкупно само со еден удар кон голот на Франција, комплетно ориентирани да се одбраниме без оглед на офанзивната формација, тргна дебито на Канатларовски, а Франција со три гола не испрати дома.

Мбуку во 26-та минута го отвори мечот и тоа со ептен спорен гол и сомнежи дали топката ја мина гол-линијата при ударот на младиот француски напаѓач, а новата ѕвезда на Реал Мадрид , Едуардо Камавинга, кој пред три дена стана „крал“ за 31 милиони евра вреден трансфер го дуплираше водството и практично ја обезбеди победата пет минути по стартот на вториот дел.

Конечните 3-0 ги постигна Калулу на минута пред крајот на мечот за Франција со убедлива победа да почне во овие квалификации во кои Фарски Острови и Ерменија имаат по три бода од два меча, откако по еднаш победија во меѓусебните мечеви во оваа група. Денеска Ерменците возвратија со триумф со 1-0 за поразот во јуни со 1-2.