Киев бара жестоки санкции против Русија за да се спречи натамошна ескалација

9

Украина ја осудува одлуката на Руската Федерација за признавање на „независноста” на квази ентитетите што таа ги создаде на времено окупираните територии на Украина – т.н. „Луганска Народна Република” и „Доњецка Народна Република”, и ја повикува меѓународната заедница да преземе жестоки санкции против Русија. Ова се наведува во денешното соопштение на украинското Министерство за надворешни работи.

Со ваквите дејствија руската страна грубо ги прекрши основите на меѓународното право, Повелбата на ОН, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

– Одлуката на Руската Федерација да ги признае таканаречените „Луганска Народна Република” и „Доњецка Народна Република” нема да има никакви правни последици. Оваа одлука драстично ја влошува ситуацијата и може да значи еднострано повлекување на Руската Федерација од договорите од Минск, се вели во соопштението.

Истовремено, се забележува дека украинската страна ги разбира намерите на Русија и нејзината желба да ја испровоцира Украина.

– Ги земаме предвид сите ризици, не подлегнуваме на провокации и остануваме посветени на политичко и дипломатско решавање на руско-украинскиот вооружен конфликт, се додава во соопштението.

Во соопштението, исто така, пишува дека „по инструкции на украинскиот претседател Володимир Зеленски, украинската дипломатија го користи целиот дипломатски арсенал за да спречи ескалација на вооружениот конфликт, а украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба е во постојан контакт со колегите за да ги координира дипломатските напори и да преземе мерки за одржување меѓународни состаноци, самити на високо ниво, да привлекува воена помош и да воведе строги санкции против Русија”.

– Натамошните одлуки и чекори на Руската Федерација во голема мера зависат од реакцијата на светот на денешните случувања. Затоа ние се залагаме за жестоки санкции против Русија за да испратиме јасна порака дека натамошната ескалација е неприфатлива. Сега е време да се дејствува, да се стави крај на руската агресија и да се врати мирот и стабилноста во Европа, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи