Ким Џонг Ун: Дојде до голема криза поврзана со пандемијата

9

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека високи функционери не успеале да ги спроведат владините одлуки поврзани со пандемијата на коронавирусот, што довело до голема криза, објави државната новинска агенција КЦНА.

На состанокот на владејачката Работничка партија на Кореја во вторникот Ким обвини високи функционери дека занемариле да спроведат одлуки донесени од партијата како одговор на здравствената криза и со тоа земјата и нејзините граѓани ги довеле во опасност, соопшти агенцијата.

Ким обвини високи функционери за недостаток на способност и неодговорност и повика на преземање силна партиска кампања против идеолошки грешки и секакви негативни елементи меѓу партискиот кадар.

КЦНА не објасни детално за што станува збор.

Самоизолираната земја, Северна Кореја досега официјално не објави дека забележала ниту еден случај на зараза со коронавирус, но наводно ги засилила мерките за здравствена заштита пред крајот на 2020 година.

Јужнокорејската разузнавачка служба НИС објави дека Ким спроведува „ирационални мерки“ за борба против пандемијата, објави претходно јужнокорејската агенција Јонхап.