Кина и Украина – главни теми на средбата Бајден – Макрон во Белата куќа

1

Американскиот претседател Џо Бајден ќе биде домаќин на францускиот лидер Емануел Макрон на разговори во четврток во Белата куќа, кои се очекува да опфатат низа теми, вклучувајќи ја руската војна во Украина и влијанието на Кина во Индо-пацифичкиот регион.

Американските и француските официјални лица изјавија дека на дневен ред ќе бидат и иранската нуклеарна програма и безбедноста во регионот Сахел во Африка.

Макрон е првиот светски лидер кај Бајден во државна посета откако стана претседател. „Ако погледнете што се случува во Украина, погледнете што се случува во Индо-пацификот и тензиите со Кина, Франција е навистина во центарот на сите дискусии“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби пред посетата на Макрон.

„Претседателот почувствува дека ова е токму вистинската и најсоодветната земја за почеток за државни посети“, изјави Кирби.

Бајден и неговата сопруга Џил вечераа со Макрон и неговата сопруга Брижит во средата во ресторан во Вашингтон.

Претходно во средата, Макрон изнесе еден извор на тензии меѓу неговата земја и САД и на состанокот со американските законодавци зборуваше за Законот на Бајден за намалување на инфлацијата. Макрон ги наведе одредбите во законодавството кои обезбедуваат субвенции за производи произведени во САД, велејќи дека мерката е „супер агресивна“ кон европските компании.

„Не сакам Франција да стане пазар за продавање американски производи бидејќи ги имаме, токму, истите производи како вас“, рече Макрон.