Ковачевски: За постапката за надзорот за автопатите одговараат институции што ја спровеле

9

За законитоста на постапката одговараат сите институции кои биле задолжени за избор на надзор и изведувач, се е пропишано во Законот за проектот, а најголема гаранција за изведувањето се референците и проектите на изведувачот, во Косово, Албанија, Хрватска,Србија,…  истакна премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање дали стои зад проектот за автопатите на коридорите 8 и 10 д.

За изградбата на четири автопатски делници денеска во Владата беше потпишан договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“, додека надзорот ќе го врши ИРД.

 -Овде единствено  се зборува, како нешто да не се направи, а јас цело време зборувам како да се направи. Цело време откако сум дојден се соочувам со кочници. Цел ден опозицијата нешто блокира, цел ден вади лажни вести, цел ден се шири некаква хистерија и од проект од 1,3 милијарди евра со обезбедено буџетско финансирање, поддршка од САД, кај нас главна тема е дали некој некаде во некоја друга држава имал кривична пријава. Ако имал веднаш нека му се поднесе и тука и нека го провери Обвинителството, рече Ковачевски.

Вицепремиерот Артан Груби кој е задолжен за координирање на проектот повтори дека секој сомнеж вклучително и на опозицијата може да се претстави пред Обвинителството. Постапката за избор на надзор, наведе тој, е пропишана во законот што беше донесен во Собранието, а ја спроведе Јавното претпријатие за државни патишта.

-ИРД беше избран за надзорот на најтранспарентен начин, ги помина сите проверки и процесот заврши најлегитимен начин. Ептиса промени сопствеништво и не е истата од 2020, рече Груби, дополнувајќи дека ИРД е присутна со работа во државава преку повеќе проекти.

На прес-конференцијата дојде до препирка откако еден од новинарите, незадоволен од одговорот, му рече на Груби дека со објаснувањето „забегал“. На тоа првиот вицепремиер веднаш реагираше. Рече дека таквото однесување на новинарот е неетичко и дека веќе не сака да одговара на прашањето.

-Ова е навредливо и разочарувачки. Неетички е да навредувате на прес-конференција. Срамота е, а и колеги сме, да реагира ЗНМ, истакна Груби.

Новинарот објасни дека намерата не му била да го навреди, по што Груби рече дека му простува.

Според договорот што беше потпишан денеска во Владата, конзорциумот „Бехтел и Енка“ на 22 април годинава треба да биде воведен во работа за изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар (17,5 км) Гостивар – Букојчани (30,3 км) и Прилеп -Битола (39,3 км), а на 12 декември и на делницата Требеништа -Струга -Ќафасан во должина од 21,7 километри.

За изградбата на автопатските делници во вкупна должина од 108,8 километри во вредност од 1,3 милијарди евра, изведувачот доби обврска сам или преку домашни проектански фирми и компании истовремено да проектира и да гради.