Ковачевски: Нормално е Антикорупциска да ја врши својата работа за какви и да било сомнежи за автопатите

10

 

Антикорупциската комисија нормално е да си ја работи својата работа во делот на она за што постојат сомнежи, меѓутоа тоа не значи дека „Бехтел и Енка“ ќе ги одложи работите, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски откако Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека отвора предмет за надзорот на изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д.

Во однос на компанијата која ќе го работи надзорот, Ковачевски рече дека таа има свои подизведувачи и дека дел од нив ангажираат луѓе од земјава со цел да не се носат експерти за надзорот од странство.

– Дел од тие подизведувачи имаат и странски сопственици, меѓутоа доминантно вработуваат луѓе од државата со цел да не мора сите експерти кои се потребни при надзорот, да се носат од странство, рече Ковачевски.

Во однос на сопственичката структура на „Ептиса“, Ковачевски упати на Централниот регистар, а за какви било информации кои се сомнителни, апелираше веднаш да се пријават кај надлежните институции.

Она по што овој проект, според Ковачевски, се разликува од досегашните е тоа што сега она што компанијата ќе ги испроектира, ќе биде изведено на терен.

–  Компанијата „Бехтел и Енка“ веќе потпиша договор од над 400 страни со Владата, тој е во сила и тие ќе почнат со проектирање и изградба на автопатот. Ние досега сме имале инфраструктурни проекти што биле правени по стариот принцип каде се работи проектирање, па проектирањето трае со години и потоа почнува изведбата и проектот никогаш не завршува. Овде се работи за проектирање и изведба, она што го испроектирала компанијата, практично и го изведува на терен и со тоа се забрзува изведувањето на работите, подвлече Ковачевски.

Тој нагласи дека овој проект е најголем во историјата на државата во делот на инфраструктурата и рече дека кога ќе започне реализацијата, ќе бидат ангажирани голем број на македонски фирми и работници.

Антикорупциската комисија соопшти дека отвора предмет за надзорот на изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д  што го врши ИРД. Според ДКСК, треба да се проверат информациите пласирани во медиумите дека фирмата „Ептиса“, која е дел од ИРД, имала забрана од државата за да не биде ангажирана на градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување, но пред тендерот Владата ја поништила таа забрана.