Ковачевски – Петков: Брзо може да се постигне она што е пропуштено

6

Добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветиме на работи кои беа заборавени последните години. Меморандумите што денеска беа потпишани имаат еден краен резултат, а тоа е економски развој на целиот регион, порачаа премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков на заедничка прес-конференција во Софија.

Двајцата премиери оценија дека е добро што веќе има план за неделни средби на секториските групи и дека брзо може да се постигне сето она што е испуштено во изминатиот период.

– Имаме веќе три реални потпишани меморандуми за многу клучни прашања – прашања од областа на земјоделството, малите и средните претпријатија и развој на железничката врска Софија – Скопје. Тоа е пример за новиот пристап којшто ние го даваме со нова енергија и реални резултати, рече бугарскиот премиер Петков, додавајќи дека има огромна синергија и предности за добрососедство.

Тој најави дека на првите средби на работните групи ќе присуствуваат и претставници од стопанските комори и од образовните и културните институции.

– Добро е што веќе има и план за неделно среќавање на секторските експерти. Меѓутоа, уште поважно е што веќе на првите средби ќе бидат вклучени и претставници од институциите, односно од стопанските комори, образовните институции, културните установи и низ конкретна соработка да можат да ги видат бенефитите од соработката помеѓу двете соседни држави, рече македонскиот премиер Ковачевски.

Работната група во делот на енергетиката, трговијата, инвестициите, туризмот и земјоделието веќе има план на активности што ќе треба да се реализираат во наредните месеци, а групата задолжена за културата и образованието исто така има конкретни проекти коишто ќе значат соработката меѓу високообразовните институции од двете држави и воспоставување на научни конференции особено во делот на природните науки. Во делот на евроинтеграциите, како што посочи Ковачевски, Северна Македонија може да ги примени искуствата од Бугарија која веќе 15 години е членка на Европската унија.

Двајцата премиери изразија задоволство и од историската комисија која, како што посочија, ќе ги интензивира активностите во следниот период.

– Историската група кажа дека ќе има барем три средби следните четири месеци. Многу интензивна работа меѓу средбите и тие имаат оптимистички поглед кон заедничките задачи, изјави Петков.

На почетокот на прес-конференцијата на двајцата премиери, беа потпишани неколку билатерални договори за соработка во различни области меѓу двете држави.

Следната средба на работните групи ќе се одржи за една недела. Работните групи беа утврдени на 18 јануари при посетата на бугарската владина делегација предводена од Петков на Скопје.