Кои се новите советници на Заев, и колкава плата ќе земаат?

86

Владата ја ажурираше листата на советници на премиерот Заев, која е зголемена за десет нови советници и надворешни соработници.

Меѓу нив се поранешни министри и директори, кои сега ќе го советуваат премиерот за плати од 55.268 денари. Поранешниот министер без ресор Аксел Ахмедовски ќе го советува премиерот за правните прашања, а Едмонд Адеми кој беше задолжен за дијаспората сега е советник за надворешни работи.

Екс директорот на агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов ќе дели совети за земјоделство и безбедност на храна, а поранешниот директор на „Македонски шуми“ Зоран Ѓорѓиев пак е поставен на функцијата советник за спроведување реформи во шумарството. Екс директорот на АД за „Аеродромски услуги“ Виктор Петрушевски пак е нов советник за локална самоуправа. Меѓу имињата се и Силвија Митевска за спорт и Елена Митева за организација на медиумски активности.

Највисоки плати меѓу советниците на Заев земаат Виктор Андонов кој е советник за енергетика и Милан Живковиќ за труд и социјала кои добиваат 60 илјади денари месечен надоместок, а рекордер со плата од 74 илјади денари е советникот за национална безбедност Зоран Верушески, кој на листата објавена на официјалната владина страна е единствениот без јавна е-маил адреса.

На листата на надворешни соработници на премиерот пак за плати од 40 до 46 илјади денари додадени се уште три имиња. Спасе Додевски за надворешен соработник за унапредување на образованието, Драган Василевски за одбрана и Дејан Николовски за инвестиции меѓу општините и владата.

Според пресметките, 29-те советници на премиерот Заев ја чинат државата близу 27 илјади евра месечно, или вкупно, советниците и надворешните соработници на премиерот на годишно ниво ја чинат државата близу 380 илјади евра.