Комбинирање на вакцините: Вакцинирањето со „Фајзер“ по „АстраЗенека“ е безбедно и ефикасно

9

Шпанското истражување за комбинирање на вакцините против ковид-19 утврди дека вакцинацијата со вакцината „Фајзер“ кај луѓето кои ја примиле првата доза на вакцината „АстраЗенека“ е многу безбедна и ефикасна, покажале прелиминарните резултати објавени минатиот вторник.

Студијата Комбивакс, спроведена од шпанскиот Институт за здравје „Карлос Трети“, утврдила дека количината на ИгГ антитела во крвотокот е од 30 до 40 пати поголема кај луѓето кои како втора доза ја примиле вакцината „Фајзер“ отколку во контролната група во која биле луѓето кои ја примиле само првата доза на „АстраЗенека“.

Истовремено, количината на неутрализирачки антитела се зголемила за седум пати по дозата на вакцината „Фајзер“, значително повеќе отколку по втората доза на вакцината „АстраЗенека“, кога тие се зголемиле двојно.

Во истражувањето учествувале 673 доброволци на возраст помеѓу 18 и 59 години кои веќе ја примиле првата доза на вакцина „АстраЗенека“, а околу 450 ја примиле дозата на вакцината „Фајзер“.

Само 1,7 отсто од испитаниците пријавиле посериозни нуспојави, како што се главоболки и болки во мускулите, и дека вакцинираните генерално се чувствувале лошо, рекла д-р Магдалена Кампинс, една од водачите на студијата.

Нуспојавите биле релативно благи кај оние лица кои втората доза ја примиле од вакцината на „Фајзер“.

Меѓутоа, Кампинс вели дека тоа „не се симптоми коишто може да се сметаат за сериозни“.
Во британското истражување за комбинирање на вакцините, првите резултати неодамна покажаа дека луѓето вакцинирани со „Фајзер“, а потоа со вакцината „АстраЗенека“ или обратно, имале поголема веројатност да развијат благи до умерени симптоми како што се главоболка или треска отколку да ги примиле двете дози од само едниот вид вакцина. Податоците за имунолошкиот одговор се очекуваат во наредните месеци.

Шпанија ја ограничи употребата на вакцината „АстраЗенека“ на лица постари од 60 години поради загриженоста за можна појава на згрутчување на крвта кај помладите луѓе по вакцинирањето.

– Денешните резултати ја поддржуваат можноста за вакцинирање на пациенти кои ја примиле првата доза на „АстраЗенека“, но одлуката не зависи од научниците во ова истражување – рекол Хесус Антонио Фриас, клинички директор на „Карлос Трети“.