Комерсант: Големи се шансите Косово да влезе во Советот на Европа, прашање е дали Вучиќ ќе добие поддршка од Москва

3

Шансите Приштина да влезе во Советот на Европа се големи, особено по неодамнешното исклучување на Русија од таа организација, пишува московскиот дневник Комерсант.

Весникот потсетува дека претседателот на Србија Александар Вучиќ вети силен дипломатски одговор, очигледно сметајќи и на поддршка од Москва, но, додава весникот, прашање е дали ќе ја добие.

Се истакнува дека Србија веќе три пати за време на украинската криза поддржа во Обединетите нации антируски резолуции, меѓу кои и за исфрлање на Русија од Советот за човекови права, и дека Вучиќ неодамна го критикуваше Кремљ за слабеење на српската позиција околу Косово.

Комерсант пишува дека членството на Приштина во Советот на Европа за неа би била голема дипломатска победа, и дека има големи шанси во таа организација да го добие потребното мнозинство, бидејќи две третини од членките ја поддржаа косовската независност.

Весникот пишува, повикувајќи се на неименувани извори блиски до власта во Србија дека Белград повторно ќе почне активна дипломатска кампања за државите кои го признаа Косово да го повлечат признавањето.

„Во спроведувањето на моќна кампања во светот за отповикување на признавањето на Косово, Белград очигледно смета, како и претходно, на поддршка од Москва“, пишува весникот и додава, меѓутоа, дека неодамна руското министерство за надворешни работи изрази незадоволство од ставот на Србија.

Комерсант потсетува дека минатата недела српскиот претседател му замери на Кремљ дека ја ослабува српската позиција за Косово.

„Така што активно руско учество во српската кампања овој пат не е нималку очигледно“, заклучува рускиот весник.