Комисија за избор и именување: Заводот за ревизија добива нов директор

30

Државниот Завод за ревизија (ДЗР) денеска се очекува да добие нов директор. Првиот човек на Комисијата за избор и именување во Собранието, Илија Димовски закажа продолженија на три седници, а човекот што ќе застане на чело на институцијата во наредниот период ќе биде точка на дневен ред на една од нив.

Извори од законодавниот дом истакнуваат дека е постигнат договор меѓу политичките партии за новиот главен ревизор за кого се потребни седум гласа во Комисијата за да може да биде проследен на избор и на собраниска пленарна седница. Неофицијално, трката за позицијата е сведена на Тања Тасевска, која долги години е во ДЗР и се смета како еден од неговите основачи, и Максим Ацевски, исто така, од ДЗР.

И власта и опозицијата, минатата недела истакнаа дека се залагаат за широк консензус околу директорската фотелја во Заводот за контрола на трошењето на државните пари. Двете страни се свесни дека претстојните вонредни парламентарни избори не смеат да минат без државен ревизор, па затоа и неопходноста од негово именување и избор.

Работата на Државниот завод за ревизија речиси е блокирана поради тоа што оваа институција нема раководно лице, речиси, две години, а мандатот на вршителот на должноста истече на 5 октомври. На финализирање и потпис од новиот директор чекаат 43 ревизорски извештаи.

На последната седница на Комисијата, пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири за државен ревизор го предложи Адем Цури, додека пратеникот од ДУИ, Ејуп Алими го предложи Насер Адеми, кој досега ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор.

За Адем Цури гласаа шест од 12 присутни членови на Комисијата, по што претседателот на Комисијата Димовски ја прекина расправата за оваа точка и ги повика политичките партии да изнајдат начин да се договорат за изборот на државниот ревизор. Потребно мнозинство не доби ниту Адеми, па претседателот на собраниската Комисија, Илија Димовски, на барање на Зеќири, ја прекина расправата.