Конференција на Фондацијата Преда плус за развивање на концептот за паметни села

2

Во Информативниот центар на Националниот парк Пелистер, денеска Фондацијата Преда плус ќе одржи конференција со фокус на концептот за паметни села, која се реализира во рамки на проектот „Are you ready for Pelister“.

Како што стои во соопштението, настанот ќе ги истакне иновативните пристапи кон руралниот развој преку технологијата и одржливоста, прикажувајќи ги колективните напори на Фондацијата Преда плус и конзорциумот од партнери вклучувајќи ги Општина Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Техника Пелистер и Ротари клуб Битола.

– Зајакнувањето на руралните заедници и искористувањето на технологијата за инклузивен развој се централни теми на концептот на паметно село. Технологијата служи како моќна алатка за премостување на јазот помеѓу руралните и урбаните средини, осигурувајќи дека сите членови на заедницата имаат пристап до основните услуги и можности. Преку иновациите, можеме да создадеме иднина во која никој нема да остане зад себе, истакнуваат од фондацијата.

На конференцијата ќе презентираат Елена Бошков Кочав, коосновач и директор на „Blueprint Energy Solutions GmbH“ Австрија, професорот од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Илија Јолевски, Благојче Количоски од заедницата „Pelister Tech“, како и архитектката Симона Мирчевска која ќе го претстави својот концепт „Пелистер – дисперзиран музеј на природата“.