Концерт „Татковина“ во Филхармонија

12

Филхармонијата вечер ќе одржи концерт насловен „Татковина“ под диригентство на Сашо Татарчевски, на кој ќе настапи виолинистот Бојан Илкоски.

На програмата ќе бидат изведени виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр.1 од Николо Паганини (1782-1840) и Симфонија бр. 4 во де-мол, оп.120 од Роберт Шуман (1810-1856)

Дирирентот  Татарчевски дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетувал и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли и на голем број фестивали на кои има освоено награди.

Редовен член е на неколку жири-комисии на интернационални хорски натпревари и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.

Виолинистот Бојан Илкоски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф.Олег Кондратенко. Досега остварил бројни настапи во земјата и во странство.

Во 2009 година го одржал својот прв самостоен целовечерен концерт во Даут-пашиниот амам. Неговото досегашно искуство како виолинист, вбројува и неколку соло рецитали без пијано придружба.

Илкоски е член на Меѓународниот младински камерен оркестар на Музичка младина, а од неодамна е редовен член на Симфонискиот оркестар при Македонската филхармонија, како и член на оркестарот за филмска музика „Фејмс“.

-Бојан Илкоски (1992) е еден од најпосветените музички уметници кај нас, кој постојано настапува во различни ансамбли. Неодамна, токму со изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Паганини, настапи како солист во Софија со оркестарот „Симфониета Софија“ и маестро Свилен Симеонов, соопшти Филхармонијата.