Дванаесет од 22 рудари кои една недела се заробени под земја по експлозијата во рудник за злато во Кина се живи – тие минатата ноќ успеаја да испратат порака до спасувачите, објавија кинеските државни медиуми.
Кинеската агенција Синхуа објави дека во пораката испратена синоќа преку спасувачкиот канал се наведува дека тие не знаат што се случило со останатите 10 рудари.
„Продолжете со напорите за спасување. Имаме надеж, ви благодариме“,
стои во пораката напишана со молив што на веб-страницата ја објави агенцијата Синхуа.
Во порака уште се вели дека четворица рудари се повредени, а состојбата на другите се влошува поради на недостиг на воздух и навлегување на вода.
Јавната телевизија Си-си-ти-ви емитуваше слики од спасувачите како ја вадат пораката од рударите.
Несреќата се случи на 10 јануари во рудник за злато во источната кинеска провинција Шандонг, при што 22 рудари останаа затрупани на длабочина од 600 метри од окното.
Скалите што водат до внатрешноста на рудникот и комуникациските кабли се сериозно оштетени. Спасувачите сепак успеаја да го раскопаат тесниот премин и викендов слушнаа удари, што беше знак на живот.
Директорите на рудникот се приведени затоа што не ја пријавиле несреќата повеќе од еден ден.
Повеќе од 300 спасувачи се обидуваат да го расчистат патот до рударите копајќи нов премин за да стигнат до местото каде што се заробени рударите.
Во две несреќи во рудниците во југозападниот град Чонгкинг минатата година загинаа 39 рудари поради што Владата нареди уште една ревизија на безбедносните мерки.