Русија ги регистрираше своите први пациенти дијагностицирани со коронавирус, потврди вицепремиерката Татјана Голикова. Алармантната вест доаѓа само еден ден откако Москва ја затвори границата со Кина на далечниот исток.
На двајца кинески државјани им е дијагностициран коронавирус во руските области Забајкалски и Тјумен, на две спротивни страни на Сибир, изјави Голикова денеска пред новинарите. Ова се првите случаи на смртоносната болест што се регистрирани на руско тло.
Пациентите се подложени на „строг надзор“. Тие се ставени во карантин и добиваат лекарска нега, додаде таа.
Како мерка на претпазливост, Русија почнува евакуација на над 300 граѓани од Вухан, градот погоден од вирусот, во провинцијата Хубеи. Околу 2.600 Руси што ги минуваат празниците на островот Хаинан исто така ќе бидат вратени дома, најави вицепремиерката. За да се спречи ширењето на вирусот, Москва ги прекинува сите летови до и од Кина. Единствениот исклучок е направен за дестинациите на Аерофлот до Пекинг, Шангај, Гуангжу и Хонг Конг, како и летовите на кинеските авиокомпании што пристигнуваат до аеродромот Шереметјево во Москва.