Косовски адвокат со кривична пријава против Вучиќ

10

Адвокатот, Томе Гаши, поднесе кривична пријава до Специјалното обвинителство на Косово, во која тврди дека српскиот претседател, Александар Вучиќ, „намерно поттикнувал и јавно ширел омраза, раскол и нетолеранција меѓу етничките групи, Срби и Албанци, кои живеат во Косово“.

„(Тој) систематски го негираше масакрот во Рачак, кога српските окупаторски сили убија 45 албански цивили од различна возраст“, вели Гаши во пријавата.

Вучиќ, во четвртокот, го обвини поранешниот шеф на верификациската мисија на ОБСЕ во Косово, Вилијам Вокер, за лажирање на масакрот во Рачак, во јануари 1999 година.

Тој изјави дека „сето тоа го фалсификувал белосветскиот измамник, крадец и хохштаплер, Вокер“.

Вокер, по масовните убиства, пристигна во Рачак, при што изјави дека во селото е извршено „злосторство против човештвото“.

Вклучувањето на Вокер во овој случај, беше еден од факторите што влијаеја врз последователната одлука на НАТО, да ја бомбардира Југославија, со цел да се стави крај на воената кампања на српските сили во Косово.

Портпарол на мисијата на Европската унија во Косово, за БИРН изјави, дека на надлежните судови е да одлучат дали некоја изјава е кривично дело или не.

„Едно е јасно, нема простор за егирање или релативизирање на настаните што се случија во Рачак, во Косово, во јануари 1999 година. Негирањето и ревизионизмот се во спротивност со вредностите на Европската унија и со проектот за интегрирање на Западен Балкан во Европската унија“, истакна портпаролот на ЕУ.

Коментарите на Вучиќ уследија откако Основниот суд во Приштина го осуди пратеникот, Иван Тодосијевиќ, за поттикнување на етничка, расна и верска нетрпеливост, поради неговата изјава дека масакрот во Рачак е измислен.

Тодосијевиќ беше избран за пратеник од редовите на Српска листа, партија која има поддршка од Белград. Претходно, тој беше министер за локална самоуправа во косовската влада.

Но, тој беше сменет од оваа функција во март оваа година, поради изјавата што ја даде на одбележување на 20-годишнината од бомбардирањето на НАТО на Југославија.

„Повод за агресијата на нашата земја беше таканаречената хуманитарна катастрофа на просторот на Косово и Метохија, измислениот Рачак, и токму овие албански терористи, кои сето ова го измислија, правеа најголеми злосторства во Косово и Метохија”, рече во тоа време Тодосијевиќ.

Тој беше осуден на две години затвор, но може да ја обжали оваа пресуда.