Косовско МНР: Ѓуриќ дисциплинирано побара дозвола и може да влезе во Косово

3

– Директорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија Марко Ѓуриќ доби дозвола од косовските институции да престојува денеска во земјата, во пресрет на православниот празник Божик, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста во изјава за приштинските медиуми синоќа ја потврди советникот на шефот на косовската дипломатија Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај, кој рече дека Ѓуриќ ја испочитувал процедурата согласно бриселските договори за посети на официјални лица од едната во другата држава.

– Да, (Ѓуриќ) беше регуларен и мошне дисциплиниран во поднесувањето на барањето и истото му е одобрено, изјави Зиберај.

Советникот на министерот во оставка нагласи дека Косово со ова покажува дека ги почитува меѓународните обврски за слободно движење и ја обвини Србија за неоправдано задржување и приведување на косовски граѓани.

Тој го повтори барањето на официјална Приштина за ослободување на косовскиот државјанин Незир Мехметај, кој во петокот беше уапсен на граница при враќање од Белград во Косовои кому српски суд вчера му одреди 30-дневен притвор, со образложение дека е на листата на лица осомничени за воени злосторства.

Зиберај побара од Европската унија (ЕУ) да не го толерира веќе таквото однесување на Белград, затоа што, како што вели, „ ситуацијата може да ескалира”.

– Ова е јасен доказ дека Косово ги почитува сите меѓународни обврски кои ги презеде во однос на слободното движење на луѓето. Од друга страна, Србија продолжува да се однесува криминално, приведувајќи ги без причина нашите граѓани. ЕУ не смее да толерира такво нешто, бидејќи ситуацијата може да ескалира. Србија треба веднаш да го ослободи нашиот граѓанин и да престане со персекуциите и криминалното однесување кон државјаните на Република Косово, порача Зиберај.