Костадинов: Издвоени 70 милиони евра за поддршка на работните места и субвенции за плати

17

Со ребалансот на буџетот обезбедуваме силна помош за стопанството, но и за граѓаните погодени од кризата, изјави портпаролот на СДСМ, Костадинов Костадинов.

Тој образложи дека 70 милиони евра се наменуваат за поддршка на 83.000 работни места и субвенционирање вкупно 250.000 плати за октомври, ноември и декември во висина од 14.500 до 21.776 денари.

Нагласи дека се обезбедени сериозни средства за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, занаетчиите и вршителите на самостојна дејност.

„Со 27,6 милиони евра ја стимулираме приватната потрошувачка преку платежни картички од 6.000 денари за 283.000 наши сограѓани. Дополнителни 243 милиони денари се наменети за справување со здравствените последици од коронавирусот. Овие средства ќе бидат распределени за набавка на лекови, вакцини и тестови за Ковид-19. Во овие 243 милиони денари вклучени се и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници вклучени во третманот на пациентите заболени од коронавирусот во сите ковид-центри во државата“, рече партискиот портпарол и пратеник од владејачкото мнозинство.

Истовремено, како што додаде Костадинов, со ребалансот се обезбедуваат и средства за финансирање 19 капитални проекти на локално ниво во десетици општини во државата.