Кос: Од 2004 година во Македонија функционира незаконска шема меѓу банките

4

Од 2004 година во Република Северна Македонија постои добро воспоставена шема преку која неколку комерцијални банки систематски ги прекршувале важечките регулативи во областа на банкарството, со цел да можат, покрај законски дозволеното кредитирање, да вршат и законски забрането кредитирање, претежно за субјекти коишто во согласност со погоре наведените регулативи, не се подобни за добивање банкарски кредити. Ова се дел од заклучоците на тимот експерти за банкарски криминал предводен од европскиот експерт Драго Кос, по спроведената независна истрага за стечајот на „Еуростандард банката“.

Шемата, според нив, функционирала на таков начин што одредена банка идентификувала компании коишто се подготвени да ги отстапат своите деловни сметки, на кои банката потоа им исплаќала одредени износи врз основа на фиктивни договори за кредит, а потоа истите компании формално им ги позајмувале тие износи на други компании, исклучиво по избор и во организација на банката. На сличен начин, потоа овие средства и се враќале на банката. На тој начин, банката остварувала придобивка од вештачки зголемените кредитни пласмани, платените провизии, камати, казнени камати и други трошоци, додека компаниите коишто вршеле улога на пренесувачи на незаконски стекнати пари, односно конвертирање кредити во заеми, поради исклучителниот обем на шемата којшто не дозволувал можност за вршење контрола, вообичаено претрпувале сериозни загуби.

– Ниту една од компаниите вклучени во оваа шема не била целосно запознаена со ова, бидејќи во неа учествувале многу банки и компании чиишто претставници, и покрај големите готовински трансакции, честопати воопшто не се ни познавале. Ниту една од овие компании не можела да води евиденција на сите плаќања, бидејќи тие едноставно не знаеле за нив, особено доколку парите се пренесувале преку други компании и преку други, а не нивните, комерцијални банки. Само банките, барем во првичните фази, можеле да го следат текот на овој процес на кредитирање и позајмување, а откако се развила шемата, дури и тие почнале да губат контрола над тоа кој кому платил и кој кому должи, се наведува во извештајот.

Со оглед на фактот дека такво брзо финансирање не би можело да биде поинаку обезбедено, релевантните законски документи се потпишувале исклучително брзо или пак се подготвувале подоцна, додека налозите за пренос се вршеле надвор од работното време. Поради динамиката на настаните, сите лица кои требало да стават потпис не секогаш биле достапни, поради што било неопходно нивните потписи да бидат фалсификувани на налозите за пренос, договорите за кредит, договорите за заем и слично, а ова се случувало во најголемиот број на случаи. Честопати, лицата чиишто потписи биле фалсификувани дури не биле ни свесни за тоа.

Во целосниот извештај, којшто содржи повеќе стотици страници и ќе биде достапен на веб порталот www.covekotpredse.mk, направена е анализа во врска со еден од овие случаи, во која е опишана шемата на незаконско кредитирање управувана од страна на „Комерцијална банка“ АД Скопје, во повеќето случаи преку деловните сметки на две компании.

– Во текот на периодот помеѓу 2004 и 2011 година во шемата биле вклучени седум банки, 45 други компании и едно физичко лице. Во истиот период, докажани се најмалку 103 фалсификувани потписи на налози за пренос, пет фалсификувани потписи на договори за кредит и 32 фалсификувани потписи на договори за заем, а биле изготвени и потпишани 40 фиктивни договори за кредит и 81 фиктивни договор за заем. Исто така, за приближно 54 трансакции помеѓу компании, коишто учествувале во шемата, воопшто не биле склучени договори за заем, што укажува на фактот дека „Комерцијална банка“, поради обемноста на шемата и бројот на банки и компании што учествувале во неа, конечно изгубила секаква контрола врз истата. По пат на оваа шема којашто функционирала од 2004 до 2011 година, само преку две компании, Комерцијална банка заработила 5.573.602 евра во незаконски стекната добивка, додека овие две компании претрпеле штета во износ од 21.601.991 евра, се посочува во извештајот.

Најголемиот акционер во „Еуростандард банка“, бизнисменот Трифун Костовски истакна дека местото и улогата на „Комерцијална банка“ е посебно истражено од страна на Драго Кос.

– Јас со овој мој исказ сакам само да обзнанам дека незаконски се искористени три милиони евра, наменски даден депозит од „Еуростандард банка“, кој не може да биде пренаменет или користен за други потреби, без согласност на надзорните одбори на двете банки. Во договор, кој го знаат само управните одбори на двете банки, овие средства се исчезнати, рече Костовски.

Според Костовски, „Еуростандард банка“ била однесена во стечај со умисла. Без негово и знаење на акционерите, „Еуростандард банка“ била вклучена во незаконските шеми, а Народната банка не ги искористила сите алатки што ги има на располагање.

Народната банка, како што посочи тој, ги искористила само редовните мерки и стечајот како алатки, а вонредните мерки биле делумно искористени, иако во нејзина надлежност било и одземањето лиценци на членовите на Управниот и Надзорниот одбор и директори на сектори. Прескокната е и алатката администрација.

– Во средината на 2019 година, кога на чело на банката беше стариот Управен одбор, предводен од Николче Петкоски, состојбата на „Еуростандард банка“ од аспект на адекватноста на капиталот беше многу полоша отколку на 12 август 2020 година, кога банката отиде во стечај. За периодот од јуни 2019 до 12 август 2020 година, ние акционерите ја докапитилизиравме „Еуростандард банка“ со нови 11 милиони евра, а новиот Управен одбор предводен од Горан Трајковски беше целосно посветен на присилна наплата на одлеаните средства од банката, за што говорат и фактите дека од септември 2019 година до февруари 2020 година, беа присилно собрани повеќе од 15 милиони евра, што значително влијаеше на подобрувањето на севкупната состојба на „Еуростандард“. Народна банка на „Еуростандард банката“, откако го назначи новиот Управен одбор, и воведуваше драконски забрани за работа со правни и физички лица, рече Костовски на прес-конференцијата.

Една од констатациите во извештајот е дека Народната банка одбивала да го препознае и спречи постоењето на шемата во текот на периодот од 2004 година до денес и покрај тоа што имала сознанија за сите нејзини компоненти. Кога „Еуростандард банка“ се соочила со сериозни проблеми, НБРСМ формално го навела несоодветното управување со кредитното портфолио и поврзаните ризици како причина за лошата состојба на банката, но не пристапила кон справување со незаконската шема.

– НБРСМ постапила само по една последица од несоодветното управување со кредитното портфолио и поврзаните ризици: опаѓањето на стапката на адекватност на капиталот. Со оглед на фактот дека НБРСМ намерно не ги препознала вистинските корени на проблемот во ЕСБ и не ги применила сите потребни корективни мерки за елиминирање на тие корени нејзините интензивни напори да ја спаси ЕСБ биле залудни. НБРСМ требало да поведе стечајна постапка за ЕСБ уште во август 2019 година, кога стапката на адекватност на капиталот – според сопствените наоди на НБРСМ – веќе била негативна, но сепак тоа не го сторила. Очигледно, НБРСМ имала многу јасно разбирање за задолжителните одредби од Законот за банките во врска со нејзиното дискреционо право на поведување стечај, но таа чекала до 12 август 2020 година за да го поведе стечајот, се наведува меѓу другото во извештајот.

Со оглед на фактот дека во август 2019 година не била поведена стечајна постапка, се додава во извештајот, постојат сериозни сомневања во однос на тоа дали моментот на поведување стечајна постапка на 12 август 2020 година бил соодветно избран.

– И покрај исклучително сериозните проблеми со стапката на адекватност на капиталот, присилната наплата на долгови од страна на новиот Управен одбор во ЕСБ функционирала многу подобро пред, отколку што функционирала по стечајот, а прогнозите за континуирана ефикасност во таа област за втората половина на 2020 година исто така биле многу добри. Покрај тоа, постоела голема веројатност ЕСБ конечно да биде преземена од страна на стабилен инвеститор. Сепак, со оглед на тоа дека НБРСМ имала многу лошо искуство со претходните акционери на ЕСБ, лесно може да се сфати високото ниво на недоверба и речиси непријателскиот третман на потенцијалниот инвеститор од страна на гувернерот на НБРСМ при постапувањето со такви важни информации. Сепак, дозволувањето ЕСБ да продолжи да работи уште неколку месеци за да се види дали состојбата на банката навистина би се подобрила или не немало да им наштети на депонентите ниту пак да го загрози интегритетот на банкарскиот сектор на Северна Македонија, оценува тимот експерти.