Кој е Љупчо Коцарев, новиот претседател на МАНУ?

71

Љупчо Коцарев од јануари следната година ќе биде претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Коцарев ќе раководи од таа позиција со најисоката научна установа во земјава наследувајќи го академик Таки Фити. На изборното собрание вчера како негови потпретседатели избрани се академиците Живко Попов и Газанфер Бајрам.

Коцарев е избран за член на МАНУ надвор од работниот состав во мај 2003 година, додека редовен член станал во мај 2007 година. Од 2011 година, односно од формирањето на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), Коцарев е редовен професор таму. Претходно, бил вработен на Електротехничкиот факултет. Од 1999 до 2016 година е дел од работниот тим и на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД.

Неговата биографија е прилично богата. Станува збор за академик кој има 64 години, но многу страници испишани трудови, голем научен интерес. На интернет страницата на МАНУ стои дека Коцарев има интерес и трудови во физиката, техничките науки, нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење…. Во период од 1986 година до денес академик Љупчо Коцарев публикувал повеќе од 140 публикации во списанија со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во меѓународни и домашни списанија без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од меѓународни и домашни конференции.

Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти одобрени во САД и во Европа.

Инаку на изборното собрание на МАНУ, за нов научен секретар е избран Изет Зекири.

За членови на Претседателството на МАНУ се избрани академиците Катица Ќулавкова, Абдулменав Беџети, Владимир Серафимовски, Леонид Грчев, Глигор Јовановски, Радован Павловски и Момир Поленаковиќ.