Кралицата Елизабета Втора во тага го одбележува 95. роденден

12

Кралицата Елизабета Втора денеска го одбележува својот 95. роденден, додека кралското семејство сѐ уште официјално жали по принцот Филип, со кого таа помина во брак 73 години.

Втора година по ред, традиционалниот поздрав со плотуни во Хајд парк и од Лондонската кула е откажан. Исто така, не се очекува Бакингамската палата да објави каква било официјална фотографија од кралицата.

Место тоа, таа планира мирно да го помине денот и можеби ќе ѝ се придружат блиски членови на семејството, меѓу кои веројатно нема да биде принцот Чарлс. Информациите велат дека тој по погребот на татко му во саботата се повлекол во својот официјален дом во Велс.

Кралицата има и официјален роденден, кој оваа година се паѓа на 12 јуни. Тоа е традиција која датира од 1748 година, кога кралот Џорџ Втори, кој бил роден во ноември, посакал да има голема јавна прослава во лето, па ја искомбинирал со годишна воена парада.

Принцот Филип почина два месеца пред 100. роденден, кој требаше да биде во фокусот на годинашните кралски прослави.