Краткиот филм “Налепница” на Георги Унковски во селекција на Санденс

73

Краткиот игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски е селектиран на најголемиот американски филмски фестивал на независен филм Санденс, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Според програмата за 39. издание на фестивалот (23 јануари – 2 февруари 2020), „Налепница“ ќе игра во селекцијата Меѓународни кратки играни филмови, а селектиран е меѓу над 5.000 пријавени за оваа програма, во која се избрани 74 филмови од 27 земји.

На годинашното издание на Санденс, македонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов освои три награди меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума. Во 2018, кусиот „Види ја ти неа“ на Горан Столески победи во селекцијата за краток филм.

Премиерата на „Налепница“ беше на крајот на септември во киното Фросина во Скопје. Филмот е во продукција на „Синема футура“, и е црна комедија во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми.

Филмот се снимал шест дена повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, кој ја играше главната улога и во дебито на Унковски, краткометражниот „Пепи и Муто“. Во екипата се и: Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.

Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.

Георги М. Унковски е роден 1988, во Њујорк, тој е син на театарскиот режисер Слободан Унковски и психологот Лина Ќостарова-Унковска. Студирал фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешка.