Кризен штаб во Манчестер Сити, на фудбалерите им биле соопштени идните чекори на клубот

6

Актуелниот англиски првак Манчестер Сити веќе направил „кризен штаб“ кој треба да ја менаџира ситуацијата во клубот по драмата која настана во истиот откако доби суспензија од две години за настап во елитното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите, поради непочитување на финансискиот фер-плеј, односно, суспензија за настап во сите натпреварувања под капата на УЕФА.

Секако, суспензијата за Манчестер Сити сигурно дека беше гром од ведро небо, иако од поодамна се најавуваше ваков исход со оглед на документите кои излегоа низ „Фудбал Ликс“, а сега неизвесна е иднината на клубот, односно за тоа каква ќе биде политиката на истиот во иднина.

„Телеграф“ известува дека Феран Сориано, извршниот директор на Манчестер Сити, веќе организирал итен состанок со фудбалерите, веднаш по одлуката од страна на европската куќа на фудбалот, УЕФА.

Фудбалерите биле собрани во саботата на пладне, а информациите кои беа објавени во весникот велат дека фудбалерите на составот од „Итихад“ биле информирани за деталите од ново настанатата ситуација во клубот, како и иднината на клубот, или поточно, како сево ова ќе се рефлектира врз нив.

Санкциите наводно сега бараат реорганизација на финансиската состојба на Манчестер Сити, а се посочува дека суспензијата ќе донесе и многу загубени приходи, претходно планирани секако, меѓутоа, освен тоа, ќе има и одредени промени во тимот, поточно ќе следат и одредени промени во платите, што секако дека директно ќе влијае на тоа каков состав ќе имаат „Граѓаните“.

Суспензијата ќе удри длабоко во џебот на Манчестер Сити, тоа е неизвесно, а тука не се работи за паричната казна од 25 милиони фунти, која е минимална во однос на тоа што ќе загубат „Граѓаните“ од идната сезона со настапите во Лигата на шампионите, иако во клубот најавија жалба на одлуката на УЕФА, речиси невозможни се шансите да има одредени промени во одлуката на европската куќа на фудбалот.