Криштопанс: Вардар на сите ракометари им должи пари, проблемите бавно се решаваат

5

Летонскиот џин, Даинис Криштопанс вели дека проблемите во Вардар се решаваат но многу бавно, клубот им должи огромни пари на играчите.

Во интервју за летонските медиуми, Криштопанс проговори и за проблемите кои ракометарите ги имаат во Вардар.

„Финансиските проблеми кои почнаа минатата сезона, продолжуваат и оваа. Долгот е огромен. Клубот должи речиси на сите ракометари, на некои повеќе, на некои помалку. Проблемите се решаваат, но бавно. Сѐ во клубот се движи многу бавно“, вели Криштопанс.

И покрај сите проблеми од финансиски аспект со кои се соочува тој и неговите соиграчи, Криштопанс вели дека никогаш нема да го заборави трофејот во Лигата на шампионите и пречекот во Скопје.

„Во Келн бевме аутсајдери на хартија. Но не секогаш тоа што ќе се напише на хартија е точно. Изгинавме на теренот и заслужено победивме. Триумфот во Лигата на шампионите ми е награда за сиот вложен труд во кариерата. Никогаш нема да го заборавам враќањето во Скопје, кога бевме пречекани како национални херои“.