Кузмановска: Капацитетот на Инфективното одделение во Струмица скоро е исполнет, апел до матичните да ги прегледуваат тие со полесна клиничка слика

6

Во струмичката болница се лекуваат 50 пациенти заболени од Ковид-19. Дваесет и три нив се на болничко лекување, додека останатите примаат терапија во дневната амбуланта.

Според директорката д-р Катерина Кузмановска, иако секојдевно расте бројот на заболени и се поголем број граѓани бараат помош од лекарите, сепак, во споредба со изминатите денови, многу малку е зголемен бројот на пациенти коишто се на болничко лекување.

-Капацитетот на Инфективното одделение скоро е исполнет, но заради заминувањето и доаѓањето на нови пациенти успешно го менаџираме лекувањето. Имаме голем наплив од пациенти во дневната болница за преглед и затоа апелирам до матичните лекари да ги прегледуваат тие со полесна слика и да им препишуваат терапија, рече директорката д-р Катерина Кузмановска.

Додаде дека на Инфективното одделение има уште неколку слободни кревети, а доколку има потреба повторно ќе биде отворена модуларната болница, во која има 34 легла и таа би се користела како дневна болница.

Од пациентите кои се на лекување поголем дел се на кислородна поддршка, а многу голем дел од нив се невакцинирани.