Лавров за преговорите со Украина: Постои надеж за компромис

1

Преговорите меѓу Украина и Русија не се лесни, но има надеж за компромис, изјавил денеска министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, и додал дека сериозно се разговара за неутралниот статус на Украина.

Тој дал таква изјава за телевизијата „Ер-би-си“, а вели дека, тоа го кажал како резултат на проценка на руски преговарачи.

„Тие велат дека преговорите не се лесни од очигледни причини. Сепак, има надеж за компромис. Заедно со безбедносните граници сериозно се разговара и за неутралниот статус“,рекол Лавров.
Лавров рекол и дека клучните прашања се насочени кон безбедноста на луѓето на исток во Украина, демилитаризација на Украина и правата на Русите во оваа земја.

Рускиот министер за надворешни работи оценил и дека моментално се води „битка“ за тоа како ќе изгледа светскиот поредок.

„Ова е судбоносен епохален момент во современата историја, бидејќи ја одразува „битката“, во најширока смисла на овој збор, за тоа како ќе изгледа светскиот поредок“, истакнал Лавров во интервјуто.