Лернер: Франција се соочува со закани од ултрадесничари, сунитски тероризам и дезинформации

7

 

Генералниот директор на француската внатрешна безбедност Николас Лернер изјави дека Франција се соочува со бројни и различни закани кои доаѓаат од ултрадесничарскиот тероризам, „сунитскиот тероризам“, разни служби од странство кои може да се толкуваат како активности за мешање, како и од шпионажа и манипулација со информации.

Во интервју за весникот на престижната Висока школа за политички науки, позната како Sciences Po, Лернер даде преглед на терористичката закана од 2018 година, датумот на неговото доаѓање на чело на Генералниот директорат за домашна безбедност (ДГСИ).

„Иако ризикот од планиран напад е значително намален од 2014 година, тој за жал не исчезна. Исламската држава во Сирија и Ирак покажува одредена отпорност. Во Сахел е влошена безбедносната ситуација, а исто така и во Авганистан, бидејќи терористичките организации стануваат се посилни, додека Ал Каеда и нејзините подружници се уште се присутни“, рече Лернер.

Според него, зад секој геополитички пресврт се крие опасност од обновување на тероризмот.

Лернер истакна дека заканата е променета во некои случаи со напади од изолирани актери, но додава дека „главната грижа сè уште е сунитскиот тероризам“.

Запрашан за ултрадесничарите, првиот човек на ДГСИ оцени дека „многу западни демократии ја сметаат заканата од ултрадесницата и врховизмот за главна закана со која се соочуваат денес“.

„Франција, како и сите демократии, е изложена на таа закана“, рече Лернер, додавајќи дека покрај ултрадесничарските идеологии, има „подем на радикализмот“.

Во врска со меѓународните тензии, Лернер рече дека многу држави одлучуваат „да ги стават своите интереси на прво место, на штета на правилата на меѓународното право и по цена на зголемена агресивност“.

„Франција исто така е изложена на тоа“, рече тој, додавајќи дека земјата, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, а за многумина пример во општеството, исто така е изложена на „бројни дејствија на шпионажа или мешање“.

Кога станува збор за војната во Украина, Лернер инсистира на користење на „оружје за дезинформации“ во обид за  слабеење на солидарноста на Европа кон Киев.

Лернер ги истакна и кибер заканите.

„Одредени владини агенции сега се идентификувани дека се потпираат на криминални групи за извршување на нивните операции или враќање на податоци“, рече Лернер, кој не именуваше ниту една конкретна држава, но Русија, Кина и Иран се спомнати во различни неодамнешни случаи во светот.