Лила Филиповска била авторка на проектот за пензионерски домови на Боки 13 за хонорар од 250 илјади евра

111

И градежната фирма „Дан-Мак“ била измамена за 250 илјади евра во шемата на Бојан Јовановски-Боки 13 за наводното учество во ЕУ проекти за изградба на домови за стари лица. Овој пат посредник била водителката Лила Филиповска, вели измамената Ена Норнилд, косопственичка на градежната компанија. Таа пред две години поднела кривична пријава против Јовановски и Филиповска, која е заборавена во некоја обвинителска фиока. Нејасно е зошто овој случај не е дел од „Рекет“, вели Норнилд за МКД.мк.

Норнилд за МКД.мк вели дека вчера била првпат повикана во Финансиската полиција, а пред 3-4 месеци и во Обвинителството. Но без никаков резултат.

„Сѐ почна кога како заштитно лице на мојот козметички салон ‘Мис Ен’ ја избрав токму Лила Филиповска. Тоа беше некаде во почетокот на 2017 година“, ја почнува својата приказна Ена Норнилд. Соработката си течела вообичаено, сѐ до летото 2017 година, кога Лила понудила „добра бизнис зделка“ за фирмата „Дан-Мак“.

„Ми рече дека е добра пријателка со Боки 13, кој добил проект од ЕУ за изградба на домови за ранливи категории и за стари лица. Авторка на проектот била Лила, Боки го добил од ЕУ, а јас за да учествувам во проектот, во изградбата на тие домови, требаше да ѝ платам 250 илјади евра на авторката на проектот. Таа ми кажа дека во проектот вложила и свои пари. Не се посомневав во ништо од ова, на крајот на краиштата Лила тогаш уште работеше за мене. Побарав средба со Боки. Отидовме во неговата куќа во Орман. Кога влегов внатре, сѐ беше под знакот на ЕУ – знамиња, папки, беџеви, пенкалца… Тој ми рече дека проектот веќе е добиен, но е заштитен, а деталите ќе може да се видат откако ќе се плати учеството. Со мојот адвокат спремив договор, со извршни клаузули за двете страни ако некој не ги испочитува условите од договорот“, раскажува Норнилд.

Таа никогаш не го видела проектот.

На 21 јуни 2017 година Лила цела во плач влегла во канцеларијата на Норнилд и рекла дека животот ѝ зависи ако парите не се платат токму денеска. Исплатата била завршена истиот ден: 13,5 милиони денари биле префрлени на сметката на Лила Филиповска, која веднаш потоа, под името Лила Стојановска, ги конвертирала денарите во 250 илјади евра во кеш, вели Норнилд.

Ниту една државна институција, ниту Финансиската полиција, ниту НБМ, ниту контролните служби на банките… не реагирале на ваквата кеш исплата, пишува МКД.мк.

Рокот за почеток на изградба на објектите бил 30 ноември 2017 година. Ако нешто тргнело наопаку, истиот ден требало да се активира и извршната клаузула од договорот.

„Додека бевме на состанокот со Боки 13, цело време на телефон му се јавуваше извесен Стјепан од Хрватска, кој бил дел од проектот и кај кого требало парите да се однесат. Во кеш. Каде навистина завршија парите не знам. Знам само дека на 29 ноември добив повик од Лила и Боки да се сретнеме во хотел Парк. Ми рекоа дека проектот ќе се пролонгира, дека дошло до ревидирање и рефинансирање и сега рокот е крајот на февруари 2018 година. Прифатив само под услов и извршната клаузула да важи од тој датум. Подготвив анекс, а потоа Лила ми кажа дека по совет на Боки таа не можела да потпише таков анекс“, раскажува Норнилд.

Норнилд потоа ја пријавила измамата во канцеларијата на ЕУ во Скопје, во Основното јавно обвинителство во Скопје, во Финансиската полиција…

„Од ЕУ до денес немам одговор дали таков проект воопшто постоел, дали биле одобрени финансии за изградба на домови за пензионери. Молк. Исто како и од обвинителството. За мојата кривична пријава против Лила Филиповска за измама и против Бојан Јовановски за злосторничко здружување одредена била обвинителката Сања Бурјаковска-Китановска. Пријавата до денеска стои во нејзината фиока. Таа овој период е постојано отсутна, болна, на патувања, по одмори… Не се сомневам дека тука се работи за организирана група, заштитена од власта. Ова е речиси истата шема во која настрадаа бизнисмените Сиљан Мицевски, струшката компанија ‘Дрим билдинг’… Не ми е јасно зошто овој случај не е дел од ‘Рекет’. Во обвинителството се сите документи, мојот исказ, ова што вам ви го велам го имаат и во обвинителството… Но ништо. Молк. Откако пред 2-3 дена на Фејсбук ја објавив уплатницата за Лила Филиповска, вчера веднаш бев повикана да дадам исказ во Финансиска полиција. Што се чекаше 2 години? Кој го чува мојот случај 2 години? Уште еднаш – немам никакво сомневање дека тука се замешани многу повисоки фигури од нашиот државен апарат“, вели Норнилд.

Уште еден апсурд: извршната клаузула од договорот со Лила Филиповска подразбирала право „Дан-Мак“ да си ги врати парите. Но извршителот на „Дан-Мак“ установил дека целиот имот на Филиповска е под хипотека во банки.

Лила Филиповска како сведок на едно од рочиштата за случајот „Рекет“ сведочеше дека на Бојан Јовановски му позајмила 25 илјади евра за да ја покрене својата 1ТВ.