Линде: Шведска е разочарана што С. Македонија нема почнато преговори со ЕУ

3

Како претставник на шведската влада, јас сум разочарана што Република Северна Македонија сè уште ги нема почнато преговорите со Европската Унија (ЕУ), зашто земјата ги има исполнето предусловите за почеток на преговорите уште лани во март. Така што ЕУ има свои обврски кон Македонија и треба да ги заврши. Ги поддржувам сите напори за решавање на ова прашање. Од друга страна Бугарија не треба да го блокира процесот на преговори на С. Македонија со ЕУ преку ова прашање, зашто тоа не може да е предуслов, изјави шведската министерка за надворешни работи Ан Линде денеска во Скопје, реафирмирајќи ја уште еднаш поддршката на Кралството Шведска за нашите аспирации кон ЕУ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави оти е „точно дека Бугарија не е спремна да даде зелено светло за преговарачката рамка и за меѓувладина конференција С. Македонија-ЕУ, но, исто така, е точно дека сигналите од Луксембург денеска се дека 26 земји членки на ЕУ се противат на ваквата бугарска позиција и со тоа демонстрираат дека Бугарија не прави блокада само на Македонија, туку и на целата ЕУ, изјави Османи
Тој додаде дека сè уште постојат теоретски шанси да се предомисли Бугарија до Самитот на Советот на ЕУ на 24 и на 25 јуни, зашто единствен со полн политички легитимитет од бугарска страна е претседателот Румен Радев и дека од стратешки интерес за ЕУ, а со тоа и на Бугарија е процесот на проширување на Унијата да продолжи.

Говорејќи за разговорите со Бугарија, Османи рече дека е отворен дијалог и дека основа на тој дијалог е португалскиот предлог. Околу недоволната транспарентност за тоа што се разговара, Османи рече дека не се отворени поради тоа што се било на ниво на идеи и предлози на дипломатска комуникација и дека штом имаат и најмала индиција дека нешто од тоа е прифатено, прво ќе биде информирана јавноста. Има разлики околу содржината на „патоказот“ со Бугарија, информира Османи, а дека јазикот како тема во разговорите е присутен, но онака како што е предложено во португалскиот модел за решение на спорот кој нашата страна и натаму го цени како добра основа за надминување на блокираните ЕУ интеграции.

Инаку, денешната посета на шведската министерка за надворешни работи, Линде е од аспект на претседавањето со ОБСЕ и поради тоа што С. Македонија со оваа 57 члена организација ќе претседава во 2023 година, а веќе од први јануари догодина се приклучува кон тројното претседателство Шведска – Полска – С. Македонија. Македонија ги спроведува принципите на ОБСЕ и поради тоа е респектабилен член на организацијата рече Линде која се заблагодари на топлото и пријателско добредојде.