Лукаревска за МИА: Антикризните мерки ги дадоа очекуваните резултати

Економските мерки чија цел беше зачувување на работните места и ликвидноста на компаниите во услови на корона-кризата ги дадоа очекуваните ефекти, смета директорката на УЈП Сања Лукаревска

137

Во интервју за МИА ова го илустрира со податоците дека 19 500 компании во април и исто толку во мај ја искористиле мерката за финансиска поддршка од 14 500 денари за плата за работниците, а голем интерес се очекува и во јуни.

Во првото интервју по нејзиното враќање на работните обврски откако претходно беше потврдена со коронавирус, Лукаревска говори за мерките што беа донесени како поддршка за реалниот сектор во справувањето со последиците од корона кризата, но најавува и контроли поради извесни злоупотреби особено за мерката за поддршка од 14 500 денари.

„Во моментов, во УЈП правиме анализи со кои ги следиме исплатите на оваа плата на самите работници од страна на работодавачите. Добиваме повеќе приговори, пријави и претставки дека не сите ја имаат добиено утврдената сума на средства од оваа уредба со законска сила и ќе направиме контрола заедно со Државниот инспекторат за труд бидејќи тоа е утврдено во самата уредба. Постојат и критериуми доколку некој е со скратено работни време, колку треба да му се исплати, меѓутоа има дојава за одредени злоупотреби и врз основа на нашите законски надлежности, ќе спроведеме соодветни контроли“, истакнува Лукаревска.

Во УЈП се задоволни од наплатата на даноците бидејќи најновите податоци покажуваат дека во периодот од 1 до 17 јуни има зголемување од 35,5 проценти во однос на истиот период лани. Мало намалување има кај данокот на добивка, што според Лукаревска, се должи на тоа што во изминатиот период еден дел од општествено-одговорните компании предвреме ги платиле месечните аконтанции за данокот на добивка.

Лукаревска исто така вели дека повеќе сметки се скенирале во периодот на корона – кризата и оти досега 1 728 граѓани корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ кои по грешка ја избрале опцијата за донација, побарале враќање на парите.

Крајниот рок за поднесување на вакво барањее 30 јуни, а парите ќе им бидат вратени до крајот на јули.