Лукашенко најави воени вежби на Русија и Белорусија во близина на украинската граница

8

Белорускиот лидер Александар Лукашенко најави оти во февруари ќе направат заеднички воени вежби со Русија, во близина на украинската граница и источните држави членки на НАТО.

Воените вежби ќе се одржат во периодот од 10 до 20 февруари, соопшти денеска белоруското Министерство за одбрана.

Лукашенко изјави дека воените вежби со Русија треба да се фокусираат на сценарио во кое армијата на неговата земја е принудена „да им се спротивстави на силите што доаѓаат од Западот“.

Без да презентира докази, Лукашенко ги оправда вежбите со тврдење дека има акумулација на војници вдолж белоруската граница со Украина, Полска и балтичките земји. Полска и балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија се членки и на Европската унија (ЕУ) и на НАТО.

Најавата за воени вежби доаѓа во моментот на пораст на тензиите помеѓу Западот и Москва, во врска со безбедноста на Украина.

Претходно, Русија постави десетици илјади војници вдолж границата со Украина. Киев и западните сојузници, пак, стравуваат оти тоа би можело да значи подготовка за потенцијална инвазија, што Москва го демантираше и побара гаранции од НАТО дека нема да се прошири кон исток.