Лукашенко си обезбеди шести претседателски мандат , задушени се протестите во Минск

9

Белоруската полиција вчеравечер ги задуши протестите што избувнаа откако е објавено дека претседателот Александар Лукашенко доби уште една сигурна победа на вчера одржаните претседателски избори.

Илјадници излегоа на улиците на главниот град Минск додека демонстрантите извикуваа „Победа!“.

Излезните анкети покажуваат дека Лукашенко победи со 79,7 проценти од гласовите, а неговиот главен противник Светлана Тихановскаја, поранешна наставничка по англиски јазик, 6,8 проценти.

Полицијата ги блокира улиците, а најмалку десет лица се приведени во Минск, изјави очевидец за Ројтерс, додека локалните медиуми објавија дека апсења биле извршени и во други белоруски градови.

Лукашенко владее со земјата со цврста рака од 1994 година, но неодамна се соочи со критики за неговиот пристап кон пандемијата на „ковид-19“, состојбата во економијата и кршењето на човековите права.

Тихановскаја влезе во изборната трка откако нејзиниот сопруг, антивладин блогер, кој имаше намера да се кандидира за претседател, заврши во затвор.

Нејзините собири привлекувале најмногу луѓе од падот на СССР во 1991 година.

Странските набљудувачи не дале позитивна оценка на какви било избори во Белорусија од 1995 година, а Лукашенко ги предупреди демонстрантите да не излегуваат на улиците по гласањето.

Тој ја испрати армијата и полицијата на улиците на главниот град, а интернетот и социјалните мрежи беа укинати.

Активистите за човекови права велат дека повеќе од 1.300 лица биле приведени пред изборите, вклучувајќи независни набљудувачи на изборите и членови на тимот на Тихановскаја.

По гласањето, Лукашенко негирал наметнување репресивни мерки, тврдејќи дека се работи за лажни вести и претерувања.

Тој истакна дека не смета дека неговиот противник е реална закана за која ќе се бара репресија.

Претставувајќи се како гарант на стабилноста додека Западот го смета за диктатор, Лукашенко тврди дека опозициските демонстранти се во дослух со странските сили кои сакаат да ја дестабилизираат земјата.

Според излезната анкета објавена од државната новинска агенција „Белта“, Лукашенко добил 79,7% од гласовите. Само 6,8 проценти од гласачите гласале за второпласираната кандидатка Светлана Тихановскаја, објави агенцијата.

Претставниците на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не ги набљудувале изборите затоа што не биле навреме поканети. Неколку земји членки на Европската унија, вклучително и Германија, ги критикуваа изборите затоа што двата најголеми ривали на Лукашенко, вклучувајќи го и сопругот на Тихановскаја, биле приведени пред изборите.

Шеесет и петгодишниот Лукашенко, познат и како „последен диктатор на Европа“, скоро сигурно ќе освои шести последователен мандат, но би можел да се соочи со нов бран протести поради јавниот бес поради пандемијата на коронавирус, економската состојба и злоупотребите на човековите права.