Луфтханза откажа над 1.000 летови, хаос на аеродромите

0

Авиокомпанијата Луфтханза објави дека откажува повеќе од 1.000 летови закажани за утре пред еднодневниот предупредувачки штрајк, токму кога семејствата низ Германија заминуваат на летни одмори.

Штрајковите и недостигот на персонал веќе ги принудија авиокомпаниите, вклучително и Луфтханза, да откажат илјадници летови и предизвикаа повеќечасовни редици на главните аеродроми, фрустрирајќи ги туристите желни да патуваат по карантините поврзани со пандемијата на „Ковид-19“.

„Патниците погодени од оваа мерка се информирани и понудени им се алтернативни летови, но тие се исто така многу ограничени“, се вели во соопштението на Луфтханза.

Главниот германски авиопревозник откажал 678 летови во Франкфурт и 345 летови во Минхен. Овој потег погодил повеќе од 130.000 патници. Луфтханза денеска соопшти дека може да има повеќе откажувања и одложувања на летовите во четврток и петок, по завршувањето на предупредувачкиот штрајк на копнениот персонал организиран од синдикатот Верди.

„Нашите барања за зголемување на платите се повеќе од оправдани, со оглед на инфлацијата, оптоварувањето и долгорочното незголемување на платите“, изјави вчера потпретседателот на синдикатот Верди и шефицата на преговорите со Луфтханза, Кристин Бехле.

Претставниците на Луфтханза го нарекоа предупредувачкиот штрајк целосно несоодветен, особено ако се има предвид дека компанијата веќе понуди, како што е речено, повеќе од разумен пакет за вработените во преговорите кои се во тек. Верди бара зголемување на платите за 9,5 отсто и минимална саатница од 13 евра за 20.000 вработени во копнениот сектор на Луфтханза.

Преговорите меѓу синдикатот на пилотите и Луфтханза се во тек, па не се исклучени штрајкови на пилотите во наредните недели.

Германските аеродроми доживуваат хаотични сцени од почетокот на сезоната на годишни одмори, со повеќечасовни чекања и откажување на бројни летови поради недостиг на персонал, особено работници во безбедносниот сектор.

Многу вработени на германските аеродроми биле отпуштени за време на пандемијата и покрај владината помош за авиокомпаниите, а многумина оттогаш нашле работа во други сектори.