МАКЕДОНИЈА ЈА ПОБЕДИ ИТАЛИЈА И ЌЕ ИГРА СО ПОРТУГАЛИЈА ЗА ПЛАСМАН НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО

5

Македонската фудбалска репрезентација ги продолжува надежите за пласман на Светското првенство во Катар откако во првиот меч од баражот го шокираше европскиот првак Италија, совладувајќи го во Палермо со 1:0. Единствениот гол на мечот го постигна Александар Трајковски во втората минута од судиското продолжение.

На 29 март, Македонија ќе игра против Португалија за пласман на својот прв мундијал. Домаќин ќе биде Португалија, која со 3:1 ја победи Турција.

Првото полувреме помина без возбудувања: главно се играше пред голот на Македонија, но голманот Димитриевски имаше малку причини да интервенира.

Сликата на теренот не се промени многу ни во второто полувреме. Статистиката беше убедливо на страната на Италијанците, а Македонија продолжи со добро поставената дефанзивна тактика. Кога се чинеше дека ќе се играат дополнителни 30 минути, Трајковски со силен удар од 25 метри го совлада Донарума, оставајќи ја Италија без второто светско првенство по ред.