МАКЕДОНЧЕ ЧИТАЈ!

723

Ако Македонија под итно не изгради граѓански определен политички кампус без влакна на јазикот и не проработи на издигнување на адекватна општествена свест, многу лесно еден ден може да имаме некаква ‘‘2001‘‘-ва! Не затоа што некој сака, туку затоа што некој трет ќе го искористи тоа за свои геополитички цели. Имаме прекрасна земја ама ние сме гомна. Сите!

 

Од Агим ЈОНУЗ

Не знам зошто, ама ставен сум на зидот на срамот поради честото потсетување и апострофирање  на мојот став дека македонскиот народ е во најголем дел самиот крив за ситуацијата во која се наоѓа. Она што ме изненадува е податокот кој вели дека дури и интелектуалци кои важат за разбрани луѓе почнуваат да ми забележуваат зошто го правам тоа? Е, па, македонци ‘‘тражили сте – гледајте‘‘! Еве зошто! Немој да биде дека сум останал не разбран. Читајте даље! Јас не сум виновен што има многу злонамерници, хејтери и поединци кои ни себе си не се сакаат па камо ли некој друг. Македонците сами меѓу себе се мразат, па што останува ‘‘за некој Шиптар таму што продава мудологија‘‘! Кој е он!

Македонче, носител си на државност на земја која вековно стремела да биде она што денес е! Вистинска или лажна, имаш историја која е легитимна барем по декларираноста. А историјата ни еден народ ја нема пишано автентично, затоа што победниците го налевале мастилото на перото со кое е пишувана историјата. Значи, релативно, отприлика прецизно, исто како да “Steve Wonder” пуцал слободни фрлања играјки баскет. Тебе не те боли тоа што јас ја зборувам вистината гледана од свој агол, туку те боли тоа што јас како Албанец го правам тоа, па го зимаш некако ‘‘душмански‘‘. А, забораваш дека баш јас како Албанец го делам секојдневието со тебе и пијам иста вода од чешма. Градам општество кое нели, треба да биде како викаше Зајко ‘‘ едно општество за сите‘‘. Во тоа едно општество за сите, треба сите  да се грижат за него. А со самото тоа да бидат значи и самокритични како појдовна точка за резимирање и консеквентно решавање на проблемите. Тука има една голема заебанција. Дали да бидеме самокритични поединечно како етникуми, или да бидеме општествено монолитно самокритични како демос кој треба да биде олицетворение на една држава, современик на дваесет и првиот век. Ако ме разбра што сакам да кажам, нели! Сумњам, барем за оние со стерилизиран мозак кои освен да се дрекнат ‘‘ за Македоњааа‘‘  од носот не знаат ништо понатаму.  Тоа е една не мала маса, која да ја прашаш кој датум сме денеска, евентуелно ‘‘ од трета‘‘ ќе погоди. Не е дека кај албанците го нема тоа. Е-хеее,… има една маса која кога ќе речеш ‘‘станујте за Шќиптарија‘‘, не прашуе дали е бело или црно, дали е криво или право‘‘, рипа ако треба и од трети спрат.  Е па, кога ке ги споиш тие две маси добиваш – демос! Демос на грчки значи народ. А, некој народот го нарекува стока. Е па, ако фигуративно го прифатиме тој уличен израз тогаш констатираме дека таа стока заедно гради -држава. Се извинувам за изразот стока. Јас не реков, така на улица викаат поединци.  За мене демосот е народ.

Ајде да видиме кои се условите за градење стабилна држава, барем од аспект на монолитно демогарфско ткиво кое сака да живее во мир, благосостојба и бериќет. Значи, зборувам за демосот. Така и ке остане до крај. Ало, мегапатриоти, за вас повторувам. Зборувам за – демос! Македонија е држава која ја создадоа два на свој начин искомплексирани народи. Секако, и многу други етникуми во незначителен број. Да не ги потценуваме. Ги спомнуваме овие два поради актуелната спрега дека албаците се виновни за се, после сите . Што би рекле бугарите ‘‘ за всичко виновни‘‘.  Со текот на времето се создаде амбиент, дека, да не постоеја албанците на овие простори, Македонија сега ке беше рајот на светот. Пример за држава. Германија ‘‘вода да и носи‘‘. Дали е така!? Да бе, србите имаат една фраза ‘‘ кад би се зајебавали‘‘. Држава прави здрав народ. Народ што знае што сака. Нека се навредува кој сака, ама во консталацијата на односите дефинитивно испадна дека албанците точно знаат што сакаат. Македонците жонглираат. Како и да ги свртиш, нешто не им штима и некој друг е се виновен за тоа, само самите тие не! Реално ниту едниот, ниту другиот народ не е ‘‘ цвеќе за мирисање‘‘, ама кај албанците за разлика од македонците, железно цврста е монолитноста на етникумот. Какви се, такви се, ама знаат што сакаат и знаат како да го направат тоа. За субстрактот, за ткивото на албанскиот како политички, така и за обично народниот менталитет може да зборуваме десет дена. Со многу критики. Никој не е совршен. Арно ама, тоа е етноцентристички пристап на анализирање.  Ние овде зборуваме за (повторувам ) демос. Е, сега доаѓа моментот во кој ке се вратам на себе си и своите гледишта зошто го критикувам ‘‘македончето‘‘.  Како тоа се осмелувам да го критикувам македончето, кој ми дава за право и од каде тој безобразлук да настапувам со зборови на остра критика која во поедини моменти дури личи и на сарказам. Затоа, во продолжение ке му се обратам на македончето во прво лице еднина.

Македонче! Мој си бе! Не се заебаај! Жал ми е ако звучи како подјебавање, ама тоа е факт! Не ти мислам лошо. Сакам да си покрај мене жив, здрав, јак, богат, бериќетен, просперитетен. Арно ама. Свести се бе братче. Доста бе! Па, праиме божем држава. Па, бива ли јас да те почитувам и сакам, а ти самиот себе си да се мразиш!? Да! Дефинитивно, ти самиот себе си се мразиш и самиот себе си се уништуваш. Ај застани пред огледало и биди искрен сам према себе! Од сите оружја си пукаш сам себе во колено. Не бугарите! Не ние албанците! Не грците. Сам! Е како!!! Така!!! Откога ја доби топката во свои нозе девеесет и прва и тоа пред празен гол, да направиш современа држава за пример, ти прво што почна да правиш наместо да шутираш у  гол, почна да се дриблаш самиот себе си. Ниту некому додаваш топка, ниту шутираш на гол. Немаше ни тактика ни техника. Не! Албанците не ти беа криви, зашто они да не сакаа уште на самиот почеток ке речеа ‘‘ не сакаме држава со вас бе‘‘!. Значи, не држи вода тоа со албанците. Тоа што албанците си бараа нема врска со тоа што ти си вадиш очи сам меѓу себе. Од друга страна, добро е што ги имаше и ги има албанците за да може секој еден политички слабич да се правда дека неуспехот му се должи на албанските партии кои демек ‘‘ уценувале‘‘, биле контрапродуктивни и лажни браќа на македонските политички борци за просперитетна Македонија. Тоа е филозофија на слабаци. Тоа се приказни за мали деца. Се е приказна во која еден фудбалер кој не фатил топка цела утакмица се вади на тоа дека ‘‘ никој не му додава‘‘. Сам си крив за се! Твојот субстракт како народ е синоним за меѓусебно мразење, некохерентност, не единство, подметнување,  предавство, шпиунлак, поткупливост и никогаш од кога постои пишаната историја, нема показател дека јас ова што го пишувам не држи вода. Дајте ми некаде да прочитам дека помеѓу тројца Комити, немало ниту еден кодош. Дека биле тројца цврсти како камен, еден за сите сите за еден. Е, па јас ли сум ти крив што кај албанците тоа е традиција зачувана до ден денес. Немој бе Македонче. Ти си Македонец, а државата се вика Македонија. Ама ти!,.. Да! Ти не ми даваш пример мене како Албанец како се сака државата, татковината, минатото и иднината. Си играш дрндупка со сопственото постоење. Секако јас не сметам дека ти нема да постоиш, ама државата како таква е доведена до амбис. Како апарат, како машина, како организам кој треба да функционира. А, живееме заедно. Затоа те критикувам. Секако, апсолутно би било небулозно и злонамерно ако јас ова го зборувам за целиот македонски етнос. Се колнам во честа дека има македонци кои би ги земал заедно со мене да ми бидат комшии каде и да се преселам во светот. Да се до мене. Има прекрасни луѓе. Ама, политички небитни, затоа што не се лопови, не се милитантни, аполитични и мирни луѓе. Градиме куќа вокоја се колнеме дека ке ја сместиме во европската авлија а ти како пијан зидар на секоја втора цигла ставаш по една мистрија малтер помалку. Дури, ти ке ставиш цигла, брат ти по крв ја бутка. Една мистрија ставаш под мишка ‘‘ за накај дома‘‘. Се крадеш самиот себе си. Никако да изградиме бедем од зид во кој кога ке ни ја погледаат заедничката куќа ке речат ‘‘ е, овде живеат домаќини‘‘. Кој е крив за тоа. Албанците!? Али Ахмети!? Јас како ‘‘трговец -поединец / Албанец‘‘!? Апсолутно не негирам дека на албанската страна нема поединци кои се деструктивни по државата. Лопови, криминалци, манипулатори со народ. Меѓутоа, ти си ‘‘Македонец во Македонија‘‘ ама си господ да те чува и голман да те брани. Не ми даваш ама баш никаков пример како се сака, брани, гради и негува татковина. Криминал!? Корупција!? Башибозук!? Па немој молим те да тресеш глупости, ти барабар со албанците крадеш! Сам, својата држава!!! Ти крадеш, а албанците само користат. Тоа што тие  користат подобро отколку што ти крадеш не е проблем на албанците. Некој е глуп! Е, ај погоди од три пати кој е глуп!

Повторно, ќе се вратам на една теза за која сметам дека е единственото решение за дупката во која се наоѓа оваа држава. Си станав и сам себе си досаден со ова, ама нема алтернатива. Како прво, политичката сцена во Македонија мора да доживее сериозен ремонт. Голем земјотрес во кој ке отпадне се ова што државата ја донесе до ова ниво. Како прво, тоа подразбира ‘‘мешање политички брак‘‘ и организирање здраво граѓански определено политичко ткиво во кое најмалата нитка на разлика би била етно-прашањето. Отворен меѓусебен дијалог кој во интеретничка смисла подразбира и отворени интер етнички критики, но конструктивни, прогресивни, а се во интерес на градење пред се на здрава граѓанска свест. Таа граѓанска свест треба да го подигне нивото на чувство на државност, а со самото тоа и припадност. Отворено да вперуваме прст едни кон други за своите слабости. Да си ги оставиме етно-суетите во фиока. Повторувам, ниту македонците ниту албанците не се цвеќе за мирисање, ама мора да се изнајде начин на ‘‘ заедничко ткиво ‘‘ за градење здрава граѓанска свест базирана на социо – општествено ниво. А, тоа може само со отворени карти на маса. Правиме европска држава или само се заебааме. А ке се заебааме очигледно уште долго. Се додека на политичката сцена не се појави еден здрав трет граѓански определен политички фактор кому сеедно ќе биде како се викаш. Кого ќе го интересира дали си човек или си гомно!

Ако Македонија под итно не изгради граѓански определен политички кампус без влакна на јазикот и не проработи на издигнување на адекватна општествена свест, многу лесно еден ден може да имаме некаква ‘‘2001‘‘-ва! Не затоа што некој сака, туку затоа што некој трет ќе го искористи тоа за свои геополитички цели. Имаме прекрасна земја ама ние сме гомна. Сите! Ако отворено не збориме, не се критикуваме, не соработуваме без предрасуди, ако еден на друг не си кажеме што мислиме и работиме исклучиво со етно-калкулации, немаме иднина. Молам да не бидам погрешно разбран, ама Македонче, уште не разбра дека албанецот ти е единствен реален брат и чувар на државата. Се останато би те лапнало ‘‘како поп сарма‘‘ додека се освестиш. А, ке те лапне кад-тад ако вака продожиш. И после ‘‘ ејј што направив‘‘! Е, па ја знаеш ли онаа песна ‘‘ шо мислеше ка се онадеше‘‘!? Да! Јас те критикувам, ама повторувам, затоа што сметам дека си мој, а мене најлесно ми е да си го земам албанскиот бајрак и да си го мавтам на ‘‘својата тараса‘‘. И да речам ‘‘баш ме заболе‘‘! Ишала ме разбра!

ООО ЏЕМААТ! Кој нема у глава, има у ноги! Кој нема у ноги има у новчаник! А, тој што нема у новчаник, сигурно има нешто у мокрача или на крвна слика. Ти имаш се освен една работа. Ти немаш – АКАЛ! Да имаше, можеби јас ке пишував љубовни романи, а не колумни во кои уста ме заболе дека вака – НЕ МОЖЕ! СИКТЕР ДОМА ОЧИ ДА НЕ ТИ ГЛЕДАМ!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)