Макрон објави: Договорен состанок на Бајден и Путин, нема да биде пред четврток

11

Американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин начелно се согласија на самит за Украина, соопшти францускиот лидер во понеделникот, нудејќи можен пат за излез од една од најопасните европски кризи во последните децении, јавува Ројтерс.

Финансиските пазари скокнаа на повисоко ниво откако се појави трошката надеж за дипломатско решение, дури и кога сателитските снимки се чини дека покажуваат руски распоредувања поблиску до границата со Украина и додека звуците на борби се слушаа денеска на истокот, каде што украинските владини сили се борат против проруските сепаратисти, пишува Ројтерс.

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон објави во соопштението дека тој им предложил на двајцата лидери самит за „безбедноста и стратешката стабилност во Европа“. Во соопштението, Белата куќа рече дека Бајден го прифатил состанокот „во принцип“, но само „доколку не се случи инвазија“.

„Секогаш сме подготвени за дипломатија“, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. „Ние сме исто така подготвени да наметнеме брзи и тешки последици, ако Русија одлучи да избере војна.

Утрово не пристигнаа веднаш коментари од Кремљ и од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за самитот САД-Русија.

Јасни се само неколку детали од предложениот самит кој се објави по низата телефонски разговори меѓу Макрон, Бајден, Путин, Зеленски и британскиот премиер Борис Џонсон.

Кабинетот на Макрон и Белата куќа соопштија дека суштината на планот ќе биде разработена од страна на американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на нивната средба планирана за 24. февруари.

Официјален претставник од администрацијата на Бајден во имејл соопшти дека самитот бил „целосно замислен“ и времето и форматот допрва треба да се одредат.