Маричиќ – Бомгартнер: Продолжува поддршката од Франција за евроинтеграцијата на државата

2

Првиот заменик претседател во Техничката влада задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер и новата француска експертка за ЕУ интеграции Миа Матковиќ, која стана дел од тимот на СЕП.

-Евроинтеграцијата е основа за стабилен и социоекономски развој на државата. Започнатите процеси во преговорите со ЕУ треба да продолжат да ја исполнуваат стратешката цел за полноправно членство, имплементација на Планот за раст на Европската Комисија со големи придобивки за сите граѓани на државата, регионот и Европа, стои во соопштението од Секретаријатот за европски прашања за средбата.

На средбата, се посочува, присутните се согласија дека продолжува француската поддршка за Северна Македонија на патот кон ЕУ, потврдувајќи ја посветеноста на Франција за ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан.

Средбата имаше за цел да ја претстави новата француска експертка за ЕУ интеграции која се приклучи на Секретаријатот за европски прашања во април, наведуваат од СЕП.