Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска изјави дека стратешкиот тим на СДСМ е важно тело кое треба да даде придонес за градење на внатрешната кохезија на партијата.
Одговарајќи на новинарски прашања по потпишување на ИПАРД 3 во Европска куќа, за тоа какви заклучоци има донесено тој т.н стратешки совет на состанокот минатата недела, Маричиќ рече дека „се работи за едно многу важно тело во кое што се собрани многу луѓе со големо политичко искуство кои треба да дадат придонес и за градењето на таа внатрешна кохезија на партијата но и за позитивната стратегија за изборите наредната година“.
-Тоа е стратешки тим за градење стратегија на партијата, не е специфична за евроинтеграции. Да, јас учествувам во други тела на партијата, тоа е така договорено, јас сум се согласил со тоа и секој во партијата има свои задачи, така што давам целосна поддршка на работата на тоа стратешко тело, одговори Маричиќ прашан зошто тој не е дел од стратешкиот тим за евроинтеграции како вицепремиер за европски прашања.
Премиерот Димитар Ковачевски и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, минатата недела на својата Фејсбук страница објави фотографија на која беше присутен и поранешниот премиер и партиски лидер Зоран Заев. Ковачевски под фотографијата напиша дека „СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат“, како и тоа дека состанокот на стратешкиот тим е во таа насока – да направи сè, да овозможи целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, земјава да стане полноправна европска држава до 2030.